За потегот на здружување на БЕСА и Алијанса за Албанците/Алтернатива, тој вели дека скапо ќе ги чини кај албанскиот електорат во наредниот период, бидејќи, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ е десничарска партија која не го признава и почитува ниту Охридскиот, ниту Преспанскиот договор, ниту Косово, ниту пак заложбите на државава за членство во ЕУ
Лидерот на ДПА и пратеник во Собранието Мендух Тачи ги нарече голем политички театар синоќешните случувања кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека заедно со пратениците од Алијанса за Албанците/Алтернатива, БЕСА и Левица формирал ново парламентарно мнозинство.
„Ова е уште еден голем театар на тие што реално немаат моќ да ги предводат политичките процеси во државава. Вчерашните актери што ги видовме на фотографијата со Мицкоски само му ги местат коцките на Заев. Можеби несвесно, но му прават платформа за негов камбек. Следната влада ќе биде на чело со Заев. Јас не познавам друг човек во СДСМ со поголеми капацитети од Заев“,
вели Тачи за „Слободен печат“.
За потегот на здружување на БЕСА и Алијанса за Албанците/Алтернатива, тој вели дека скапо ќе ги чини кај албанскиот електорат во наредниот период, бидејќи, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ е десничарска партија која не го признава и почитува ниту Охридскиот, ниту Преспанскиот договор, ниту Косово, ниту пак заложбите на државава за членство во ЕУ.
Според него „овој голем политички театар“ е направен бидејќи и Алијанса за Албанците со Алтернатива и Движењето Беса сакаат само да испазарат подобри позиции во идната Владата предводена од Зоран Заев која Тачи ја нарекува „Заев Три“.
„Алтернатива сака само да ги зајакне своите преговарачки капацитети во владата на Заев, а Беса сака само да ги зачува своите места во Владата, па од една страна преговара со ВМРО-ДПМНЕ, а му испраќа сигнали на СДСМ за да си ги зголемат нивните идни преговарачки позиции во владата на Заев Три“,
изјави Тачи за „Слободен печат“.