Тој посочи дека ставот на ЗНАМ е на изборите да настапат самостојно, но со целосна взаемна поддршка и соработка со ВМРО-ДПМНЕ
Централниот одбор на движењето ЗНАМ – За наша Македонија на синоќешниот состанок донел одлука да почне постапката за евидентирање кандидати за советници за престојните локални избори, додека за кандидатите за градоначалници во тек се разговори со ВМРО-ДПМНЕ, информираше денеска на прес-конференција, портпаролот на партијата Никола Мемов.

Како што посочи тој, очекувањата се дека преговорите со владиниот партнер ќе завршат до крајот на месецот, по што ќе бидат соопштени имињата.
„Централниот одбор во проширен состав синоќа донесе одлука за отпочнување на процедура за советници, како за општините, така и за Градот Скопје. За градоначалници во тек се разговори со ВМРО-ДПМНЕ, кои очекуваме да завршат до крајот на месецот. Разговараме за повеќе оштини, дефинирано е за Куманово, неколку во Скопје и повеќе помали општини низ цела држава. Кога ќе завршат разговорите, кога ќе имаме конечен договор со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ низ процедурите на партиските органи ќе ги дефинираме кандидатите и ќе ги соопштиме во јавноста“,
нагласи Мемов.
Тој посочи дека ставот на ЗНАМ е на изборите да настапат самостојно, но со целосна взаемна поддршка и соработка со ВМРО-ДПМНЕ.
„Ставот на ЗНАМ е дека на овие избори ќе настапиме самостојно и на советничките листи и за кандидати за градоначалници. Таму каде што ќе имаме кандидат на ЗНАМ, тој ќе биде во договор со ВМРО-ДПМНЕ поддржан од нивна страна и тие таму нема да имаат кандидат, значи ќе имаме целосна взаемна поддршка уште во првиот круг“,
нагласи Мемов.
На синоќешната седница на партискиот Централен одбор биле донесени одлуки за вториот бран активности кои ќе се одвиваат под мотото „Со срце за нашата општина“, а донесена била и одлука за назначување на генералниот секретар на партијата Горан Минчев, за шеф на Централниот изборен штаб.
Во однос на процедурата за кандидати за советници, Мемов рече дека критериумите се јасни и недвосмислени, односно потребни се етички капацитет, јасна заложба за заштита на државните интереси, почитување на сите етнички заедници и посветеност на европските вредности.
Мемов информираше и дека на 29 јуни Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија ќе го одржи вториот изборен конгрес на кој ќе бидат избрани претседател на партијата, нов состав на Централниот и Надзорниот одбор, со полн четиригодишен мандат.
„Тоа нема да биде само формална процедура, тоа ќе биде пресвртница. Потврда дека ЗНАМ влегува во нова фаза – уште поорганизирана, уште посилна и уште поодлучна да ја промени Македонија. Ветуваме чесност, ветуваме борба, ветуваме резултати и нема да застанеме додека секоја општина не стане вистинско место за достоинствен живот“,
рече Мемов.