Мемов, кој е и директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, смета дека ВЛЕН ја изиграле владејачката ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Скопје и не гласале за нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски

Портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, во објава на својот фејсбук-профил упати критики до коалицијата ВЛЕН со која се дел од владиното мнозинство.
Мемов, кој е и директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, смета дека ВЛЕН ја изиграле владејачката ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Скопје и не гласале за нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски.
Според Мемов, тоа е голема грешка.
„ВМРО го знае тоа и премиерот јавно им кажа, ние чесно ве поддржавме, плативме огромна цена за таа поддршка и за возврат не побаравме ништо. Само почит. Таа почит не ја добивме. И тоа не го забораваме“,
пишува Мемов во објавата во која има и видео од премиерот Мицкоски во кое тој се обраќа до, како што вели, неговите сопартијци од Тетово, Гостивар, Струга.
Инаку, на локалните избори Движењето ЗНАМ немаше свој кандидат за градоначалник на Град Скопје и го поддржаа Орце Ѓорѓиевски. Во Општина Центар, пак, кандидатот на ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.
Пред вториот круг од локалните избори, кандидатот на ЗНАМ за Центар, Лабудовиќ, ја доби поддршката од ВЛЕН. Поддршката, како што тогаш информираа од партијата, беше официјализирана на средба што со локалните жители од Кале и Дуќанџик ја имаа Лабудовиќ и новоизбраниот градоначалник на Чаир и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити.
Меџити ги повика жителите од овие населени места на 2 ноември кога ќе се гласа во вториот круг, да му се даде максимална поддршка на кандидатот за градоначалник од Движењето ЗНАМ, поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ Мирослав Лабудовиќ.
Ова беше втора ваква пружена рака меѓу партнерите во власта – ЗНАМ и ВЛЕН, откако беше официјализирана поддршката и за Куманово во вториот круг за кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски.
