Италијанската премиерка додаде дека е важно НАТО да го зголеми своето присуство во арктичкиот регион и дека ја разбира загриженоста на САД за потребата да се спречи прекумерно мешање од други актери кои би можеле да бидат непријателски настроени
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека не верува оти Соединетите Американски Држави (САД) ќе употребат воена сила за анексија на Гренланд и предупреди дека таков потег би имал сериозни последици за НАТО.

На традиционалната новогодишна прес-конференција Мелони додаде дека е потребно сериозни и значајно присуство на НАТО во арктичкиот регион, вклучително и на Гренланд, полуавтономна територија која е дел од Кралството Данска.
„Сè уште не верувам во хипотезата дека САД би започнале воена акција за преземање контрола врз Гренланд, опција што очигледно не би ја поддржала. Верувам дека тоа не би било во ничиј интерес. Мислам дека тоа не би било во интерес ниту на Соединетите Американски Држави, да бидеме јасни“,
рече италијанската премиерка, пренесе ХРТ.
Операцијата на американската војска во која беше соборен претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, повторно предизвика загриженост за намерите на САД кон Гренланд откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека островот му е очајно потребен. Белата куќа во вторникот соопшти дека Трамп и неговите советници разгледуваат неколку опции за преземање на островот од Данска, вклучително и употреба на воена сила.
Следниот ден, портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека САД работат на можноста за купување на Гренланд од Данска.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во средата изјави дека следната недела ќе разговара со властите во Копенхаген за прашањето што го отвори претседателот Трамп.
Претходно владата на Гренланд соопшти дека побарала од американскиот Стејт департмент итен состанок со државниот секретар Марко Рубио, министерката за надворешни работи и истражување на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, и данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, за да разговараат околу аспирациите на САД за присвојување на островот.
Во вторникот лидерите на Франција, Германија, Велика Британија, Италија, Полска и Шпанија објавија заедничка изјава со премиерката на Данска, Мете Фредериксен, во која ги повикаа САД да го почитуваат суверенитетот на земјата. Тие во соопштението напишаа дека безбедноста на Арктикот е врвен приоритет за НАТО, одбранбениот сојуз од кој дел се и САД и Гренланд како дел од територијата на Данска.
„Гренланд им припаѓа на своите луѓе и само Данска и Гренланд можат да одлучуваат за прашања што се однесуваат на Данска и Гренланд“,
наведоа тие во заедничката изјава.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која се смета за еден од најблиските сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп во Европа, на денешната прес-конференција, меѓу другото, изјави дека на сите им е јасно дека секој потег на САД во врска со Гренланд ќе има значително влијание врз НАТО.

Таа додаде дека токму затоа не верува дека Вашингтон ќе ги спроведе своите закани. Сепак, Мелони кажа дека е важно НАТО да го зголеми своето присуство во арктичкиот регион и дека ги разбира загриженостите на САД за потребата да се спречи прекумерно мешање од други актери кои би можеле да бидат непријателски настроени.
Инаку, Трамп, меѓу другото, обвини дека многу руски и кинески бродови се движат околу островот и дека Пекинг има големо економско влијание на островот.
