Според властите, ситуацијата вчера била вратена под контрола

Мексико распореди илјадници војници за да ја зајакне безбедноста откако во земјата избувна бран насилство по смртта на моќниот наркобос, изјави министерот за безбедност Омар Гарсија Харфух.
Министерот за одбрана Рикардо Тревиља изјави дека вчера во Западно Мексико се испратени дополнителни 2 500 војници, а оти од претходно се распоредени најмалку 10 000 војници, пишува Би-би-си.
Во најмалку 20 држави избувнаа немири откако Немесио Осегера Сервантес – попознат како „Ел Менчо – почина во притвор во недела, кратко откако беше заробен од мексиканските специјални сили во државата Халиско.
Картелот „Нова генерација Халиско“ е една од најстрашните криминални организации во Мексико, а нејзиниот водач беше најбараната личност во земјата.
Министерот за безбедност вели дека најмалку 25 членови на Националната гарда на Мексико се загинати во државата Халиско откако избувнале насилствата.
Наркобосот беше сериозно повреден во престрелка меѓу неговите телохранители и воените командоси распоредени да го фатат, и почина додека војската го транспортираше од градот Тапалпа до главниот град Мексико Сити.
Според Министерството за одбрана, најмалку шест од телохранителите на Ел Менчо беа исто така се убиени во операцијата, додека тројца припадници на мексиканската армија се повредени.
Министерот за безбедност Харфух, според новинската агенција АФП, вели дека еден затворски чувар, член на канцеларијата на државниот обвинител и 30 членови на криминалната организација на Ел Менчо се убиени во немирите по неговата смрт.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум ја пофали воената операција што доведе до смртта на Ел Менчо и рече дека нејзин приоритет е да се гарантира мирот и безбедноста низ целата земја.
Како што се ширеше веста за смртта на Ел Менчо, членовите на неговиот картел започнаа напади во многу градови каде што е активен картелот „Нова генерација Халиско“. Според извештаите на мексиканските медиуми, околу 20 од 32-те мексикански држави биле погодени од насилство по смртта на наркобосот, вклучувајќи ги Халиско, Мичоакан, Агваскалиентес, Тамаулипас и Гванахуато. Неколку странски амбасади апелираа до своите граѓани да бидат внимателни поради немирите.
Според властите, ситуацијата вчера била вратена под контрола.
„Мексико е мирен. Се разбудивме без блокади на патиштата и сите активности се обновени“,
вели Шајнбаум.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја стави борбата против трговијата со дрога како приоритет и постојано ја повикуваше Клаудија Шајнбаум да му дозволи на Вашингтон да испрати сили за борба против картелите што дејствуваат во Мексико.
Мексиканското Министерство за одбрана соопшти дека операцијата за апсење на Ел Менчо ја спровеле мексиканската армија, со поддршка на Националната гарда и Воздухопловните сили.
Шајнбаум потврди дека американските сили не биле вклучени во операцијата, но оти имало многу споделување информации.
