Земјава сè уште е во фаза на широка трансмисија на болеста, а и степенот на вакцинација е низок
Иако податоците од анализата на епидемиолошката состојба од минатата недела покажуваат намалување на бројот на новозаразени и на смртни случаи како последица од ковид, рано е да се разговара за какво било укинување на мерките за заштита од ширење на вирусот, смета Комисијата за заразни болести.

Ставот на денешната седница е дека земјава сè уште е во фаза на широка трансмисија на вирусот на локално ниво и евентуално укинување на некои мерки, вклучувајќи ги и сертификатите за вакцинација, би го зголемило бројот на заразени и би се исполниле болниците.
Дополнително на оваа одлука, според Мехмедовиќ, влијае и ниската стапка на вакцинација во земјава од 41 отсто, што не дозволува да се укинат сертификатите.
Во однос на тоа кој сој на вирусот доминира, Мехмедовиќ рече дека тоа сè уште е омикрон, додека подваријантата која уште се нарекува омикрон стелт е помалку застапена. Но, нашите здравствени власти сè уште немаат доволно податоци за да утврдат дали има разлика во клиничката слика што ја даваат двата соја.