Според премиерот Христијан Мицкоски, сите понуди се доверливи и како такви ќе ги третираат додека не се избере најповолната и истата не се декласифицира за да можат да ја објават во јавноста
Меѓуресорската работна група во Владата ќе ги разгледува доставените податоци од меѓународните финансиски институции и комерцијални банки за финансирање на брзата пруга од Коридорот 10, информираат денеска од Министерството за финансии (МФ).

Оттаму додаваат дека одлуката да се формира Меѓуресорска работна група е донесена на вчерашната затворена владина седница откако е разгледана информација во однос доставените податоци од страна на меѓународните финансиски институции и комерцијални банки.
Пред два дена премиерот Христијан Мицкоски најави дека на следната владина седница, во затворен дел ќе се разгледаат доставените понуди од 16. меѓународни финансиски институции и комерцијални банки што се заинтересирани за финансирање на изградбата на брзата пруга од Коридорот 10.
Посочи дека сите понуди се доверливи и како такви ќе ги третираат додека не се избере најповолната и истата не се декласифицира за да можат да ја објават во јавноста.
На 9 јули Министерството за финансии соопшти дека 16. меѓународни финансиски институции и комерцијални банки се заинтересирани за финансирање на изградбата на брзата пруга од Коридорот 10.
„На нашето барање одговорија 16. меѓународни финансиски институции и комерцијални банки, меѓу кои, Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Италијанската развојна банка, јапонската МУФГ, бротанската ‘Стандард чартерд‘, Банка на Америка, ‘Ерсте банк‘, ‘Сосиете женерал‘, Дојче банка, ‘ЏП Морган’, ‘Сити банк‘, ‘Уни кредит‘, ‘Каргил’ и НЛБ и ‘Рајфазен банка’“,
соопштија од МФ.
Како што информираат од ресорното министерство, содржината на документацијата што е доставена од меѓународните финансиски институции и комерцијални банки е со назнака доверлива (confidential).
Оттаму минатиот месец испратија барање до 21 меѓународна финансиска институција и странски комерцијални банки за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга вдолж Коридорот 10.
Рокот за доставување на понудите истече на 7 јули.
Износот што се бара за реализација на проектот, како што информира ресорното министерство, е 1,91 милијарди евра.