Во документот пишува дека гаранциите ќе се состојат од мониторирање на примирјето и од помош на Украина да ги обнови своите безбедносни сили

Ако се постигне крај на војната на Украина, западните сојузници на земјата ќе дадат безбедносни гаранции на Киев за да се одврати иден руски напад. Ова, како што пренесува лондонски „Гардијан“ го пишува во нацрт-документот од самитот на „Коалицијата на подготвените“ што се одржува во Париз.
Во документот пишува дека гаранциите ќе се состојат од мониторирање на примирјето и од помош на Украина да ги обнови своите безбедносни сили.
„Ќе има постојан и веродостоен систем за мониторинг на прекинот на огнот. Тој ќе биде воден од САД со меѓународно учество“,
се вели во нацртот.
Понатаму стои дека меѓународни сили ќе бидат распоредени во Украина како мерка за да се одвратат идни напади од воздух, вода или од копно и да и се овозможи на земјата да ги обнови своите воени сили.
„Овие елементи ќе ги предводи Европа“,
пишува во документот.
Американската помош ќе се состои и во разузнавање и логистика, како и во залагање на САД да ги поддржат силите на терен во случај на нов напад од Русија. Исто така, ќе има обврзувачки гаранции да се поддржи Украина во случај на иден напад од Русија, за да се врати мирот. Овие гаранции може да вклучуваат употреба на воените сили, разузнавачки информации, логистичка поддршка, дипломатски иницијативи, усвојување нови санкции и друго.
Русија, пишува „Гардијан“, повеќе пати има повторено дека е против распоредување странски воени сили во Украина кои би го мониторирале примирјето.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека поддршката за украинските сили ќе продолжи и дека армијата на земјата ќе брои 800 илјади војници, за да може да одврати идни напади и да го обезбедува прекинот на огнот во иднина.
„Ќе се фокусираме на просперитетот на Украина во иднина, со помош на САД, за да се забрзаат работите. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина во сите нејзини предизвици во моментов и да им помогнеме на цивилите кои се постојано напаѓани од Русија“,
рече Макрон.
Премиерот на Велика Британија Кир Стармер додаде дека Обединетото кралство ќе учествува во мониторингот на примирјето предводен од САД. Неговата земја и Франција исто така ќе отворат воени седишта во Украина ако се постигне мировен договор со Русија.
„Путин не сака да постигне мир. Ќе продолжиме со притисокот кон Русија, вклучувајќи и нови мерки во трговијата со нафта и во спречувањето на флотата во сенка што ја поддржува Русија“,
рече Стармер.
Канцеларијата на британскиот премиер објавила и декларација со намера, во која се вели дека Велика Британија ќе испрати војска во Украина ако се постигне мир, објави „Гардијан“. Се вели дека со овој документ се обезбедува законска рамка за распоредување војници, и дека меѓународните сили за Украина ќе служат за одвраќање идни напади и за поддршка на градењето одбранбени капацитети на Украина преку обнова на нејзините воени сили.
