Во дом и деловни простории на А.А.(34) од с. Чегране, гостиварско, откриени се и одземени предмети кои се поврзани со вршењето на криминалните активности, а лицето е обезбедено
Измамата била со злоупотреба на платформи за онлајн продажба, криптовалути и перење пари, а жртвите ги привлекувале преку реклами на социјалните медиуми
Во меѓународна акција на седум земји меѓу кои и С Македонија уапсени се 11 лица – пет во Бугарија и едно во Израел на денот на акцијата и шест лица претходно во Шпанија), поврзани со вршење на измами во повеќе држави во Европа во вкупна вредност од 30 милиони евра, со злоупотреба на платформи за онлајн продажба, криптовалути и перење пари, кои ги привлекувале жртвите преку реклами на социјалните медиуми.
Извршени се претреси во Бугарија, Израел, Полска, Северна Македонија и Шведска и запленети се бројни електронски уреди и возила, а банкарските сметки се замрзнати.
Во координација со Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика – Одделение за истраги за компјутерски криминал, денеска во 06.00 часот изврши претрес, по добиена судска наредба, во дом и деловни простории на А.А.(34) од с. Чегране, гостиварско, при што биле одземени предмети кои се поврзани со вршењето на криминалните активности, а лицето е обезбедено.
Исто така, од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика – Одделение за истраги за компјутерски криминал, со судски наредби, извршени се претреси на деловни простории на правни лица во Скопје, при што било констатирано дека адресите кои се пријавени во Централен регистар на Република Северна Македонија се лажни и не постојат.
Во текот на истрагата од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика беа преземени мерки и активности со цел идентификација на лица од нашата земја, кои се дел од криминалните активности и обезбедување на докази.
Шемата за измама, била организирана главно од израелски државјани, вклучувала центри за повици од Бугарија и Република Северна Македонија, а осомничените ги переле нелегалните профити преку банкарски сметки контролирани од компании со седиште во различни земји на ЕУ.
Меѓународната истрага е во соработка со Европол и Еуроџаст, а е предводена од полициските служби во Германија, а со координирани активности помеѓу полициски служби од Германија, Бугарија, Израел, Латвија, Полска, Шпанија и Шведска.
