Во соопштението од Женева, МКЦК вели дека пристапот за исполнување на својот мандат според Женевските конвенции мора да биде одобрен сега, и „без одложување до потенцијалниот иден прекин на огнот“
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) предупредува дека Украина се соочува со „погубна хуманитарна криза“, бидејќи бројките на жртвите се зголемуваат, а болниците се борат да се справат со ситуацијата.
Во соопштението од Женева, МКЦК вели дека пристапот за исполнување на својот мандат според Женевските конвенции мора да биде одобрен сега, и „без одложување до потенцијалниот иден прекин на огнот“.
Во изјавата се наведени обврските на завојуваните страни според Женевските конвенции, вклучително и забраната за напади врз цивили и цивилна инфраструктура, пристап до здравствена заштита, заштита на здравствените работници, заштита на ранетите или заробени лица и пристап на МКЦК до нив.
Иако во изјавата на МКЦК не се посочува тоа експлицитно, кршењето на овие обврски е кршење на Женевските конвенции и тоа може да биде воено злосторство.
Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Карим Кан, завчера соопшти дека отворил истрага за потенцијални воени злосторства во Украина откако Русија изврши воена инвазија врз земјата.
„При прелиминарното испитување на ситуацијата во Украина, мојата канцеларија најде основано сомневање дека таму се извршени кривични дела за кои е надлежен овој суд. Почнува активна истрага на барање на 39 земји членки на судот“,
изјави главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан.
Би-би-си денеска објави серија фотографии од места во Украина на кои се гледа како тие изгледале пред и по руските гранатирања.

Меѓународниот комитет за бегалци на ОН (УНХЦР) вчера објави дека околу еден милион луѓе досега ја напуштиле Украина и заминале во соседните земји.
Секојдневни се апелите од локалните власти во украинските градови особено оние кои се во близина на границата со Русија и Белорусија, но и поглавни центри, светот да преземе мерки да го спречи рускиот воен поход, предупредувајќи дека во Украина се случува геноцид.