Под мотото „Слободата на прво место“, САД 2020 година ја прогласија за година кога прв приоритет треба да биде борбата против трговијата со луѓе.
„Глобалните проценки индицираат дека дури 24,9 милиони луѓе – возрасни и деца – се жртви на трговија со луѓе. Трговците со луѓе ги лишуваат своите жртви од можноста да ги остварат своите неприкосновени права на живот, слобода и потрага по среќа, што е кршење на основните принципи на нашата нација“,
објави државниот секретар на САД Мајк Помпео на одбележувањето на 11 јануари – Меѓународниот ден за кревање на свеста против трговијата со луѓе.
Оваа година се одбележува и 20-годишнината од усвојувањето на Актот на САД за заштита на жртвите донесен од 2000 година и усвојувањето на протоколот на Обединетите нации од Палермо за спречување, сузбива ње и казнување на трговијата со луѓе, особено жени и деца, кои доведоа до глобално движење и кревање на свеста против трговијата со луѓе во светот.
„Во текот на изминатите две децении, владата на Соединетите Држави остана постојана во својата заложба да ги изведе пред лицето на правдата оние што профитираат од експлоатацијата на другите, да се обезбеди жртвите да бидат идентификувани и да добиваат услуги за поддршка на траумите и да ги спречи трговците со луѓе да го сторат ова кривично дело. Од своја страна, Стејт департментот е посветен на интензивирање на нашите глобални напори за прекин на трговијата со луѓе преку целогодишна билатерална и мултилатерална дипломатија, насочена странска помош, поддршка за координација на федералните напори за борба против трговијата со луѓе и значајно ангажирање со граѓанското општество, приватниот сектор и преживеаните од трговијата со луѓе“, објави Помпео, кој ги повика владите во светот да ги удвојат напорите во 2020 година да се спречи експлоатација, да се гонат трговците со луѓе и да се заштитат преживеаните од трговијата со луѓе.
Американскиот Стејт департмент секоја година објавува Извештај за состојбара со трговијата со луѓе во светото, во кој се посочуваат најкритичните точки и се посочуваат земјите каде ова кривично дело е најраспространето.