Вишиот суд во Нови Сад на Горан Весиќ, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во заминување, му одреди притвор до 30 дена, додека на в.д. директорката на „Железничка инфраструктура на Србија“, Јелена Танасковиќ, и помошник-министерката за железнички сообраќај, Анита Димовски, им е одреден домашен притвор

Горан Весиќ, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија во заминување, и Небојша Шурлан, поранешен директор на „Железничка инфраструктура на Србија“, добија 30-дневен притвор, објави „н1.рс“.
Јелена Танасковиќ, в.д директорка на „Железничка инфраструктура на Србија“, и Анита Димовски, помошник-министерка за железнички сообраќај, добија мерка – забрана за напуштање на живеалиштето со примена на електронски надзор во траење од три месеци.
Вака одлучија судиите на претходна постапка на Вишиот суд во Нови Сад. Четворицата се осомничени за кривично дело тешки дела против општата сигурност во врска со кривичното дело предизвикување општа опасност, откако пред два дена беа уапсени вкупно 11 лица во врска со трагедијата во Нови Сад, кога при пад на натстрешницата на железничката станица животите ги загубија 15 луѓе, а двајца беа тешко повредени.
30-дневен притвор доби и осомничениот М. Ј. за кривичното дело тешко дело против општата безбедност во врска со кривичното дело неправилно извршување градежни работи. Мерката му е одредена поради стравување дека може да влијае на сведоците.
30-дневен притвор добија и С. Н., Д. Ј., М. Г., Д. Т. и З. С. М., на кои, покрај за истите основи, притвор им се одредува и поради постоење особени околности кои укажуваат дека за краток временски период би можеле да го повторат кривичното дело за кое се осомничени.
Претходно, судот во петокот вечерта ѝ одреди 30-дневен притвор на Љиљана Милиќ Марковиќ, една од уапсените во врска со уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Трагедијата во Нови Сад се случи на 1 ноември кога загинаа 14 лица, а подоцна на повредите им подлегна уште едно. Две лица и натаму се борат за живот.
Следуваа силни реакции во јавноста и масовни протести, што резултираше со неколку оставки, а потоа и со апсења на осомничени.