Група пратеници предлагаат измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои тие би се избирале со мнозинство од вкупниот број пратеници, наместо со двотретинско
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) сметаат дека членовите на Програмскиот совет во МРТ и во Советот на АВМУ во Собранието да се избираат со двотретинско мнозинство, како што е тоа според постојната регулатива, а не со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, како што се предлага со измените Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поднесени од група пратеници.
Медиумските организации сметаат дека тоа што поради несогласувањата помеѓу владејачката коалиција и опозицијата и неможноста да се обезбеди ваквото мнозинство изборот е закочен во Собранието, сепак партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил „мерит-системот“ за избор на лицата во овие тела.
Тие предлагаат, пред да се размислува за промени во гласањето, Собранието прво да се обиде изборот на новите членови во советите да биде преку постојните закони, за да се надминат блокадите преку демократски процеси.
„Начелото за двотретинско мнозинство при избор на членовите на управните тела во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор е важно бидејќи на тој начин се намалува ризикот од партиско-политичко влијание при изборот на членовите во овие тела од страна на пратениците. Евентуалната промена носи ризици и за идниот состав на советите, кои при секоја промена на власта можат да бидат лесно заменети. Тоа ќе го наруши принципот на независност на институциите од политиката, што беше основен мотив кога се гласаше сегашното законско решение“,
велат четирите медиумски организации во заедничкото соопштение.
Притоа, тие потсетуваат дека за ваквиот начин на избор, новинарските и медиумските организации се залагаа и во 2013 година кога се носеа медиумските закони, како и експертите од Советот на Европа при изработката на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се регулира работата на МРТ и АВМУ.
За нив дополнително загрижува и тоа што овој Закон е предложен да биде усвоен по брза постапка, без никакво образложение во предлогот, со што не се остава простор за јавна дебата ниту, пак, за транспарентност и вклученост на засегнатите страни во неговото носење.
*Поврзана вест