Во тек е одбележувањето на Неделата на сестринството што трае од петти мај, Меѓународниот ден на акушерките, до 12 мај, Меѓународниот ден на медицинските сетстри. По тој повод денеска се одржа настан на кој министерот за здравство Азир Алиу порача дека без сестрите и акушерките не може да се замисли ниту еден процес во здравството

Министерот за здравство Азир Алиу на денешното одбележување на Неделата на сестринството изјави дека медицинските сестри и акушерките се јадрото на здравствениот систем.
Тој додаде дека без нив е невозможно да се замисли ниту еден процес – од превенција, преку дијагноза, па сè до рехабилитација и поддршка на пациентите и нивните семејства.
„Периодов, Министерството е посветено на зајакнување на кадарот во јавните здравствени установи и само за два месеца направивме силен исчекор со вработување над 1 250 лица во јавноздравствениот сектор, а голем дел од нив се токму медицински сестри. Со ова, праќаме порака дека државата ја вреднува вашата работа, вашиот труд и вашата посветеност. Во делот на финансиска стимулација, минатиот месец го потпишавме Колективниот договор со Синдикатот на вработените во Клиничкиот центар и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, за покачување од седум отсто со мартовската плата, а потоа имаме утврдена динамика и за наредни покачувања на платите во наредните години“,
изјави Алиу.

Тања Трајковска, која е дипломирана акушерка, вели дека има недостиг од акушерки, особено на примарно ниво. Според неа, најголеми проблеми се појавуваат токму во примарната здравствена заштита.
„За да бидете акушерка треба да имате завршено високо образование. Со средно училиште не можете да бидете акушерка, затоа што акушерството самото по себе не е само професија, туку и една уметност што во себе ги вклучува и грижата за мајката и за бебето“,
рече таа.
Директорот на Фондиот за здравство, Сашо Клековски порача дека со силни сестри има силни здравствени установи.
Неделата на сестринството трае од петти мај, Меѓународниот ден на акушерките, па се до 12 мај, Меѓународниот ден на медицинските сестри.
Настанот беше во организација на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија.
