Несогласувањето со партиската одлука да влезе во Владата била причината Роланда Превала Кадриу да ја напушти Алијанса за Албанците
Членката на централното собрание на Алијанса за Албанците, Роланда Превала Кадриу се придружила на каузата на т.н. „огнена група“ на ДУИ, вели за ТВ „Алсат“ пратеникот и еден од најекспонираните членови на „огнените“, Изет Меџити.

Според него, главната причина поради која расте бројот на оние кои се приклучуваат на оваа група е незадоволството од работата на Владата.
„Огнената група“ веќе подолг период бара смена на првиот вицепремиер Артан Груби, но и на други други функционери на ДУИ од партиските органи и од извршната власт поради нереализирање на партиската програма.
„Нашата реакција се сфаќа како искрена, таа се одрази не само во структурата, туку и надвор од структурата. Особено кога една опозициска партија една година пред избори кога останува само еден буџет да се реализира, без политички аргументи, односно без динамика, влегува во Влада само да намами некои функционери. Зборувам за Алијанса за Албанците, што значи дека тие поминаа 10 години стоејќи зад раководството за на крај да направат дневни пазари“,
вели пратеникот и потпретседател на ДУИ Изет Меџити за ТВ „Алсат“.
Токму несогласувањето со партиската одлука да влезе во Владата била причината Роланда Превала Кадриу да ја напушти Алијанса за Албанците.
Инаку, Кадриу не е од пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија.
Според Меџити проширувањето на Владата со Алијанса за Албанците не го зајакнало мнозинството, туку целта била да се спаси Владата.
Тој вели дека незадоволството од работата на ДУИ е големо, но според него тоа не значи дека од „огнените“ ќе произлезе ново движење или нова партија.
„Остануваме на ставот дека ќе се бориме во рамките на Демократската унија за интеграција, затоа што од првиот ден сме таму, така што го знаеме духот, ја знаеме програмата на ДУИ. Мислам дека овој народ кој 20 години ја поддржува оваа партија заслужува многу подобра извршна власт, со повеќе реализации, со повеќе проекти, а не извршна власт од Фејсбук или лажни промоции“,
вели тој.
Барањата на „огнената група“ не наидоа на поддршка од страна лидерот на ДУИ Али Ахмети што беше повод и едните и другите да почнат со интензивни средби со членството и симпатизирените на ДУИ.
Инаку, Алијанса за Албанците со реконструкцијата на Владата, која беше заокружена оваа недела стана нов партиципиент во извршната власт која поради несогласување со ваквата одлука претходно ја напушти Алтернатива.
Алијанса во реконструираната Владата доби три министерски и две заменик-министерски места. Новите министри и заменик-министри во Законодавниот дом беа избрани со мнозинство на гласови кое се движеше од 64 до 65 пратеници.