Првиот вицепремиер и министер за животна средина ја повика Арсовска да направи обиколка и во скопски Сарај за, како што рече, да види како таму стои бројот на дивоградби
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити изрази жалење што градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е жртва на туѓи нарачатели кога прави обиколки низ Општина Чаир каде што изминативе денови лоцира објекти за кои рече дека се дивоградби. Зборувајќи во интервју за ТВ Сител, Меџити ја повика Арсовска да направи обиколка и во скопски Сарај за, како што рече, да види како таму стои бројот на дивоградби.

„Јас жалам што таа е жртва на друг нарачател и дека два-три месеца пред изборите ѝ текна дека постојат Чаир и Скопје. Но добро е истата градоначалничка да отиде и во Сарај, да види како стои бројот на дивоградби, како се легализираат по едно евро надвор од законските прописи. Да земе список од градежниот инспекторат и да го види вкупниот број на дивоградби, да види каде на таа листа е Чаир, а каде се другите општини“,
изјави Меџити во интервјуто за Сител.
Со скопски Сарај во моментов раководи в.д. градоначалникот Иљаз Весели. Од редот на советниците во Советот на Општина Сарај, тој во јуни минатата година дојде на градоначалничката позиција која дотогаш му припаѓаше на Блерим Беџети од ДУИ, кој по ланските парламентарни избори доби пратенички мандат.
Скопското обвинителство денеска информира дека веќе постапува во врска со сомненијата за дивоградби во скопски Чаир откако утринава до нив било доставено известување од страна на СВР Скопје за конкретниот случај.