Меџити вели дека во текот на вчерашниот ден било разговарано на оваа тема и оти наскоро ќе излезат со конкретен предлог

ВЛЕН денеска или утре ќе излезе со унифициран став во врска со иницијативата за една изборна единица, вели првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Меџити вели дека во текот на вчерашниот ден било разговарано на оваа тема и оти наскоро ќе излезат со конкретен предлог.
„Вчера разговаравме, денес-утре и ВЛЕН ќе излезе со конкретен предлог. Имајте предвид дека во ВЛЕН има четири-пет политички субјекти, во минатото имаше различни размислувања, но како и да е, ќе имаме унифициран став деновиве“,
изјави Меџити одговарајќи на новинарски прашања по почетокот на конференцијата за животна средина.
Вчера и неговиот коалициски колега од ВЛЕН, Биљал Касами, рече дека е комплексно прашање дали при парламентарни избори треба да има една наместо шест изборни единици. Тој додаде дека во рамките на коалицијата ВЛЕН сè уште немаат формирано став за ова прашање, но Касами најави оти тоа ќе се направи по што ќе дадат и образложение.
Во однос на владејачкото мнозинството, Меџити повтори дека тоа е стабилно, но и дека се работи на негово зголемување.
На прашањето дали можеби освен со „Европскиот фронт“ разговара и со Тачи, Меџити одговори дека никој не е исклучен.
„Прво, мнозинството е стабилно, посветено на програмата, проектите и на решавање на проблемите на граѓаните. Во втор план има најави и се зголемува мнозинството, работиме на тоа. Ќе бидете известени, но во принцип се разговара со пратениците од ’Европскиот фронт’“,
рече Меџити.
Тој додаде и дека мнозинството веќе доставило предлог-закон според кој и Инспекторатот за јазиците, како и другите инспекторати, треба да биде дел од министерство.
Меџити ги повика ДУИ и опозицијата да го изгласаат овој закон, зашто најприродно е, како што рече, Инспекторатот за јазиците да биде дел од Агенцијата за јазици.
„Ги повикувам ДУИ и опозицијата да го изгласаат овој закон, да го решиме проблемот со вработените, тие да земаат плати, а во наредна фаза ќе работиме во насока Агенцијата за јазиците да премине на исто ниво како и Агенцијата за храна, за да може потоа да го преземе Инспекторатот за јазиците, да биде дел од Агенцијата, зашто и кога е донесен е донесен со лекс специјалис, па многу поприродно е тој Инспекторат да биде дел од Агенцијата за јазиците отколку од Министерството за правда. Време е, како што ДУИ ги оставиле половично сите други работи, и овој Инспекторат да може да изрекува меродавни казни, а не кога ќе констатираат пропусти, да отвораат постапки по судови“,
додаде Меџити.