Покрај програмските ветувања, Меџити се осврна и на понудата за вечерашниот ТВ-дуел со кандидатот од „Националната алијанса за интеграција“, Бујар Османи, и рече дека и покрај тоа што дебатата е одбиена, тој ќе го чека својот противкандидат

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, денеска претстави дел од својата изборна програма која се однесува на образованието, а која предвидува бесплатни униформи за сите ученици и покривање на дневните оброци за децата од социјално загрозените семејства.
Меџити рече дека неговата визија за една општина гарантира еднаквост, достоинство и поддршка за секое семејство.
„Во сите основни училишта на нашата општина, учениците ќе имаат униформи целосно финансирани од буџетот на Општина Чаир. Ниту едно семејство нема да има дополнителен трошок“,
изјави Меџити додавајќи дека ова ќе ги зајакне чувствата на припадност кај децата.
Тој рече дека посебен фокус е ставен на социјалната димензија и најави дека Општина Чаир ќе ги покрива дневните оброци за сите ученици кои доаѓаат од семејствата што добиваат социјална помош.
„Секое дете ќе има достојни услови за учење, исхрана и растење во достоинство“,
рече Меџити.
Во програмата е предвидено и зајакнување на безбедноста во училиштата преку нови физички и технолошки мерки, во соработка со институциите и родителите, со цел да се обезбеди спокојство за секој родител.
Покрај програмските ветувања, Меџити се осврна и на понудата за вечерашниот ТВ-дуел со кандидатот од „Националната алијанса за интеграција“, Бујар Османи.
Меџити нагласи дека и покрај тоа што дебатата е одбиена, тој ќе го чека својот противкандидат.
„Ќе го почекам. Дебатата не оди во живо, туку се снима. Ќе го завршам интервјуто со празно столче, но ќе застанам таму да го почекам Бујар Османи“,
рече Меџити.
Османи денеска, откако неговиот противкандидат Изет Меџити од ВЛЕН го обвини дека одбил да прифати телевизиски дуел и да се соочи со него, во објава на Фејсбук напиша дека Меџити се обидува да создаде конфузија.
„Меџити знаеше дека имам потврдено две дебати за следните денови, па сега се обидува да создаде конфузија и да изгледа како да го избегнувам“,
напиша Османи.
Во своја одбрана, Османи вели дека неговиот противник Меџити петпати одбил да излезе на дебата со него.