Со тие зборови заменикот на премиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, објасни дека имало разлика меѓу скандирањата на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на кој дел од публиката скандираше „За Шиптари гасна комора“, и на фудбалскиот натпревар во Скопје на кој меѓу другото се скандираше „Илирида“
Потсети дека, како влада, ги осудиле и едниот и другот настан
Заменик-претседателот на Владaта и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска доби новинарско прашање – да се произјасни за иредентистичките скандирања на Националната арена „Тодор Проевски“. Тој и самиот беше присутен на натпреварот меѓу Шкендија и Карабах, на кој навивачката група „Балисти“ во еден момент започна, а остатокот од стадионот следеше со скандирање на пароли како „Илирида“.
Илирида е политички концепт кој подразбира создавање република која би ги опфатила местата во кои живеат етнички Албанци, нешто на што официјално Скопје гледа како на иредентизам, сецесионизам, па и закана за соживотот особено во етничко шареноликите средини.
Не е првпат „Балистите“ да скандираат слични пароли, но овојпат тоа се случи само неколку дена откако во Куманово, на кошаркарски натпревар меѓу Македонија и Романија, дел од публиката пееше „За Шиптари гасна комора“ и други пароли упатени кон Албанците.

„Како влада, ние ги осудивме сите што ќе посегнат по ксенофобија, по расизам. Имаше разлика. Во Куманово беа антиалбански настроени. Не ги оправдувам ни другите, но не беа антимакедонски настроени. Како и да е, ние повикуваме да се почитуваат различните вредности, да се почитуваме едни со други и да придонесеме едни со други да се надминат овие состојби“,
изјави денеска Меџити.
Во својот одговор, Меџити посочи и на „виновник“.
„Мислам дека судството не кога треба, значи, не делуваат, кога треба претеруваат, како во овој случај. Ги повикуваме и судството да придонесе за меѓуетничките односи, а не да ги загрози“,
кажа Меџити.
Додека Изет Меџити денеска препозна дека и навивањето на Арената „Тодор Проески“ не било за оправдување, интересно е што неговиот близок политички соработник и претседател на Собранието, Африм Гаши, не ги слушна спорните пароли. Меџити и Гаши беа само дел од функционерите на ВЛЕН кои го следеа натпреварот Шкендија – Карабах во живо.

Претседателот на Собранието дури и ги пофали навивачите за достоинственото скандирање.
Епизодата на Арената „Тодор Проески“, сепак, не беше премиера туку епизода откако неколку дена претходно, во Куманово, се скандираа антиалбански пароли. „За Шиптари гасна комора“ и слични пораки, на натпревар на кој присуствуваше лично премиерот Христијан Мицкоски.

Тој го осуди скандирањето, иако два дена подоцна. Кажа дека самиот не ги чул на натпреварот бидејќи станувало за мала група луѓе. Скандирањето во Куманово го осудија и власта и опозицијата во земјата, независно од етничкиот предзнак на партиите, па и на паролите. Реакции имаше и од Косово и од Албанија. Немаше толку многу реакции по скандирањето на Арената „Тодор Проески“.
И за двата настани Јавното обвинителство отвори предмети. И во Куманово и во Скопје имаше по едно приведено лице поради обид за внесување знаме со потпалувачки содржини. Во главниот град, знамето било со карта на Голема Албанија, која вклучува територии на Македонија. Во Куманово, неофицијално, знамето било со тематика поврзана со настаните од Диво Насеље. И за двата настани, полицијата и обвинителството споделија дека обезбедуваат видеоматеријал и работат на идентификување на сторителите.