Портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани, на денешната прес-конференција изјави дека за министерската функција во Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде предложен друг кандидат, за чие име допрва ќе се одлучува
Досегашниот прв вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити денеска и официјално го презеде мандатот како градоначалник на Општина Чаир, каде што беше номиниран од владејачката коалиција ВЛЕН. На негово место на функцијата прв вицепремиер во Владата ќе дојде Беким Сали, поранешен министер за здравство.

Портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани, на денешната прес-конференција изјави дека наследник на Меџити на позицијата прв вицепремиер во Владата ќе биде Беким Сали, а за министерската функција во Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде предложен друг кандидат.
„За тоа допрва ќе се одлучува. Сè уште нема конкретно име“,
рече Сулејмани одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот Христијан Мицкоски во август годинава најави дека по локалните избори ќе следува реконструкција на Владата не поради лошо владеење, туку, како што рече, поради јакнење на капацитетите.
