Поранешниот потпретседател на ДУИ смета дека власта се бори за опстанок и дека до мнозинство стигнувала благодарејќи му на пратеникот Кастриот Реџепи, кој сега е дел од „огнените“. Меџити нагласува дека веќе подолг период нема никаква комуникација со својот сега поранешен лидер
Водачот на „огнените“ и потенцијален лидер на новото политичко движење што треба биде формирано смета дека парламентарното мнозинство се држи на стаклени нозе. Тој смета дека СДСМ, ДУИ и Алијанса имаат проблем со бројките и тешко ќе стасаат до потребни пратеници за донесување обични закони, а уште помалку до бројка која може да гарантира усвојување на уставните амандмани. Вели дека досега „во живот“ ги одржувал пратеникот Кастриот Реџепи, кој го спаси од пад кабинетот на Заев откако истапи од редовите на Беса и стана независен, а сега е дел од неговата групација.
„Мнозинството се бори за опстанок, сега колку пратениците имаа, со оглед на незадоволството во мнозинството, не ме чуди во наредните денови или месеци ќе имаат проблем и со 61, бидејќи ова мнозинство опстана благодарение на господинот Кастриот Реџепи кој е со нас“,
рече Меџити во денешното интервју за ТВ 21.
Според Меџити, ова мнозинство тешко дека ќе може да ги помине уставните измени. Нагласува дека тој со уште двајца пратеници поднел предлог-иницијатива за отстранување на одредбата за 20%, но тоа не го разгледала ниту владината комисија, а не било поддржано ниту од ДУИ. И покрај тоа, Меџити останува на ставот дека ќе ги поддржи измените на Уставот.
„Очекувам наредните денови да влезат во собраниска процедура, се надевам дека ќе има бројки, но како што ја гледам политичката ситуација и политичката реалност, тешко дека ова мнозинство може да ги помине уставните измени и тоа потоа ќе утврди дали ќе има предвремени или регуларни избори“,
вели Меџити.

За односите со Ахмети, Меџити нагласува дека веќе подолг период нема никаква комуникација со својот сега поранешен лидер.
„За жал, немаме комуникација повеќе од 7-8 месеци. Тој не комуницираше со мене, но и јас не комуницирав со него бидејќи знаевме што може да си кажеме. Многупати сме дебатирале за нив, сум се трудел, сум го молел да не дојдеме до оваа ситуација и сега оваа дебата е исцрпена, нема за што да разговараме повеќе“,
рече Меџити во интервјуто за ТВ 21.