На новинарско прашање што ќе направат како политичка партија на Албанците доколку Уставниот суд го оспори албанскиот јазик, Меџити нагласи дека Уставниот суд има побарано мислење од Венецијанската комисија, од каде што добиле забелешки за три члена од Законот за употреба на јазиците во Република Северна Македонија
Во Северна Македонија не постои закон за албански јазик за да може да се каже дека се укинува, изјави денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити по денешната меѓувладина седница во Приштина. Тој додаде и дека во подготовка е посебен закон за соодветна застапеност на Албанците во институциите.
„Прво, ќе се поврзам со одговорот на премиерот Курти (премиерот на Косово Албин Курти) кој рече дека во Македонија не постоел закон за албанскиот јазик, па сега тој сега се укинува или прекршува. И второ, не се оспорува од Владата на Република Северна Македонија, туку има иницијатива во Уставниот суд каде деветте судии избрани од Владата на СДСМ-ДУИ и проблемот го прават тие судии на Уставен суд со мандат од минатото мнозинство. Денеска сме тука да ја продлабочиме соработката меѓу двете влади и да им го олесниме животот на граѓаните во нашите две земји. Гарантираме дека албанскиот јазик ќе напредува во Република Северна Македонија, исто како што најдовме решение и се формираше експертска група од партнерите во Владата кои работат на балансерот, кој беше само механизам, а сега зема димензии на законско решение или посебен закон за соодветна застапеност на Албанците во Македонија“,
рече Меџити.
На новинарско прашање што ќе направат како политичка партија на Албанците доколку Уставниот суд го оспори албанскиот јазик, Меџити нагласи дека Уставниот суд има побарано мислење од Венецијанската комисија, од каде што добиле забелешки за три члена од Законот за употреба на јазиците во Република Северна Македонија.
„Уставниот суд не го оспорува албанскиот јазик затоа што нема закон за албанскиот јазик. Уставниот суд, на барање на Владата на СДСМ-ДУИ, има побарано мислење од Венецијанската комисија и тие дале забелешки за три члена од тој Закон за употреба на јазиците во Република Северна Македонија, а тоа се само за тие три члена. Правиме сè од себе да ги задржиме позициите на јазикот и да го унапредиме во иднина“,
рече тој.
Меџити посочи дека ги уверува нашите граѓани и сонародници во Косово и во светот дека нема потреба да се вознемируваат бидејќи, како што рече, правата што се стекнати не може да се деградираат, туку правата ќе се унапредат.
Премиерот на Косово, Албин Курти, денеска на прес-конференција по заедничката меѓувладина седница со македонската и косовската влада, рече дека во Северна Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото.
„Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку Закон за употреба на јазиците“, рече Курти одговарајќи на новинарско прашање за можноста за загрозување на албанскиот јазик во С Македонија, нешто што го побара Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде што очекуваат од владите на Косово и Албанија да го заштитат албанскиот јазик.
„Ова прашање е на Уставниот суд во С Македонија. Три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија. Тие три одредби парадоксално никогаш не се применети во минатото. Сега Уставниот суд тоа треба да го оцени“,
рече Курти.
Курти смета дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд во Македонија, кој, според косовскиот премиер, нема да направи ниту исклучување ниту дискриминација и го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.
„Во Косово, иако Албанци се 93 отсто, а четири отсто е српско население, српскиот јазик е службен јазик. Но, во С Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен официјален јазик и сега е под закана. Ова не е вистина“,
изјави косовскиот премиер.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на истото прашање, посочи дека судиите што во моментот се дел од Уставниот суд се избрани судии во време кога на власт беа ДУИ и СДСМ.
„Навистина не знам од каде впечатокот дека ние имаме влијание и сме можеби семоќни и ги контролираме сите политички партии во Македонија, што не е така. Сите треба да знаат дека од првиот со последниот судија во Уставниот суд се избрани во македонското Собрание кога мнозинство беше владината коалиција СДСМ-ДУИ“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред неколку дена рече дека очекува од сите политички партии на Албанците во земјава, но и од партиите во Косово да го заштитат албанскиот јазик.
„Очекуваме на заедничка средба со владата на РС Македонија, владата на Р Косово да го покрене прашањето за албанскиот јазик. Очекуваме и реакција од сите партии во Косово. Ова прашање нè засега сите“,
рече тој.
Пред неполн месец тој испрати писмо до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое изразува загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд, од кои едната е укинувањето на т.н. „балансер“, а другата во најава дека ќе бидат укинати делови од Законот за употреба на јазиците.