Прашан во вечерашното гостување во ТВ 21 дали имало некакви разговори во таа насока, тој одговори: „Комуницираме. Политичката сцена стана толку измешана, се случија многу турбуленции и мислам дека сè уште ќе има турбуленции“
Изет Меџити, еден од лидерите на ВЛЕН и нов градоначалник на општина Чаир вели дека коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ ќе биде распуштена по локалните избори и оти ќе има структурни промени кај интегративците.

Меџити, кој стана градоначалник на Чаир во првиот круг победувајќи го противкандидатот од НАИ, Бујар Османи, ова го кажа во вечерашното гостување во ТВ 21.
Тој наведе дека во НАИ се надевале оти ќе придобијат голем дел од гласачкото тело по заминувањето на Арбен Таравари од ВЛЕН, но ја изгубиле надежта по резултатите од првиот круг од локалните избори.
„Со заминувањето на Таравари, пред шест месеци, мислеа дека имаат 90 отсто од гласачкото тело. Исто така, овде елаборирав дека лидерите можат да си заминат, но членството ќе остане во ВЛЕН и тоа се докажа и овде. Тие не го очекуваа овој резултат и тоа не е чувство на загуба за нив. Сега е чувство на загуба на надеж. Очекувам НАИ да се распушти и да има нови движења“,
рече Меџити.
Говорејќи во тој контекст, тој додаде дека дел од гласачкото тело што досега било со НАИ започнало комуникации за приклучување кон ВЛЕН.
„Значи и тие ја изгубија надежта за враќање или за нешто друго. Затоа, добар дел од гласачкото тело почна да се движи, да се приклучат кон ВЛЕН. Постојат комуникации“,
кажа Меџити, пренесе МИА.
Во врска со шпекулациите околу можноста лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села да се приклучи во Владата, Меџити рече дека не ја исклучува тоа, бидејќи, како што додаде, политичката сцена кај партиите на Албанците, сега е измешана.
„Не го негирам тоа. Може да биде“,
рече Меџити.
На прашањето дали имало некакви разговори во таа насока, тој одговори:
„Комуницираме. Политичката сцена стана толку измешана, се случија многу турбуленции и мислам дека сè уште ќе има турбуленции“
