Министерот за здравство Фатмир Меџити соопшти дека ја поддржува акцијата на обвинителството и полицијата на Клиниката за Онкологија. Во писмена изјава до медиумите, тој вели дека очекува брза истрага од институциите.
„Како министер силно ги осудувам сите обиди или дејствија, на поединци или групи кои преку дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместлива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата“,
вели Меџити.
Од Основното јавно Обвинителство – Скопје претходно соопштија дека во текот на вчерашниот ден во соработка со МВР биле спроведени претреси на Клиниката за онкологија и уште на две локации во приватни станови во Скопје. Одземени биле компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.
„Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да преземаат дејствија во предистражна постапка, поведена врз основа на наводите во новинарски текстови на еден неделник поврзани со работата на Клиниката. Проверките се прават со цел обезбедување докази за да се испитаат евентуални обележја на кривично дело“,
соопшти Обвинителството.
Неделникот „Фокус“ минатиот месец објави серија текстови за постоење разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање на скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката.
Во системот, според пишувањата на неделникот, се внесувале фиктивни пациенти, а на дел од вистинските пациенти им се давала половична терапија и на тој начин скапата биолошка терапија завршувала на црниот пазар.