Вицепремиерот Меџити најавува соработка меѓу ВЛЕН и ВМРО ДПМНЕ на престојните локални избори а одговарајќи на новинарско прашање дали тој ќе биде кандидат на ВРЕДИ за Чаир кусо одговори: „Најверојатно да“.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити најави дека најверојатно тој ќе биде кандидат за градоначалник на Чаир на ВРЕДИ на престојните локални избори.
Одговарајќи на новинарско прашање дали тој ќе биде кандидат на ВРЕДИ за Чаир кусо одговори: „Најверојатно да“.
Тој истакна дека при крај се консултациите и се чекаат резултатите од анкетите и додаде дека верува оти до крајот на неделата ќе излезат со листа на кандидати од Струга до Липково, со целосен список на градоначалници.

„При крај се консултациите, ги чекаме резултатите од анкетиве, бидејќи сакаме да ги избереме најдобрите, најпрофесионалните, да го дадеме најдоброто решение за секоја општина и тие нема да бидат само победници и победнички листи, туку ќе бидат и најдобрите во реализацијата на она што најмногу може да се направи за тие општини, во кои ќе се кандидираат. Мислам дека до крајот на неделата ќе ги имаме кандидатите од ВЛЕН, од Струга до Липково, за секоја општина посебно“,
нагласи Меџити.
Во однос на тоа во кои општини е договорена меѓусебна поддршка со ВМРО-ДПМНЕ, Меџити не кажа конкретни општини, но напомена дека ќе постапат онака како што досега се постапувало, како што и досега заемно се поддржувале владините или опозициските партнери, ќе си помогнат едни со други, онаму каде што не можат сами.
За тоа каде ја очекува најголемата битка со ДУИ, Меџити истакна дека ДУИ веќе ја изгубила битката уште пред да почнат изборите, бидејќи го намалила бројот на кандидатите од претходно во интерес на двете алијанси.
„Прво ДУИ ја изгуби битката уште пред да почне, мнозинско албански општини се 15 до 14, реално ДУИ пред да почне битката седум или осум ги даде на двете алијанси и ако денес ДУИ има 11 – 12 градоначалници сега има само седум кандидати, а од тие седум прашањето е колку ќе победат. Мислам дека најголем губитник на локалните избори ќе биде ДУИ, бидејќи ќе остане со две три општини и тоа ќе биде почеток на крајот“,
нагласи Меџити и додаде дека ВРЕДИ секаде ќе ги даде најдобрите кандидати, додека ДУИ оди со стари веќе познати имиња.