Првиот вицепремиер и министер порача дека и покрај превирањата во ВЛЕН, коалицијата не се распаѓа, туку е уште посилна бидејќи останува истрајна во целта за носењето на промената, согласно дадената доверба од граѓаните на парламентарните избори
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити вечерва изјави дека на неговиот коалиционен партнер од ВЛЕН, Арбен Таравари, не му е местото во Владата доколку се решил на соработка со ДУИ. Штом посакува таква соработка, како што рече Меџити во интервјуто за ТВ Сител, Таравари самиот треба да го објави тоа, не криејќи го од членството и јавноста.

„Сметам дека не му е местото во Владата штом сака соработка со ДУИ. Тоа се коси со политиките и принципите на формирање на оваа Влада, а тоа е борба против корупција, враќање на правната држава и другу начела“,
вели Меџити.
Порача дека и покрај превирањата во ВЛЕН, коалицијата не се распаѓа туку е уште посилна бидејќи останува истрајна во целта за носењето на промената, согласно дадената доверба од граѓаните на парламентарните избори.
„Ние сите се сплотивме околу идејата да донесеме промена, плурализам, демократија во албанскиот кампус, борба против корупција. Сите сè уште стоиме на тоа освен господинот Таравари, кој од индивидуални и партиски причини излезе на површина дека подолг период неколку месеци, има состаноци и соработува со ДУИ. Нашиот став е дека не може да биде дел од ВЛЕН и да соработува со ДУИ“,
додаде Меџити.
Вели дека обединувањето на партиите од ВЛЕН во една партија е одраз на барањата на гласачите од самиот почеток – процес на кој, како што рече, очигледно се спротивставува Таравари.
Меџити потврди дека лидерите од ВЛЕН вчера имале средба на која било договорено новиот политички субјект да има Централно претседателство со 23 члена, Централно собрание, заеднички Централен штаб и локални штабови, заеднички медиумски центар. Во однос на тоа кој би бил претседател на партијата, вели дека тоа најверојатно би можел да биде еден од тројцата лидери во коалицијата, но не исклучува можност и за нова личност.