За ваквиот потег Меџити попладнево информира преку објава на својот фејсбук-профил, во која, освен за неговата намена, посочува дека името на новиот политички субјект треба да ги одразува вредностите, мисијата и целта за подобра иднина. Освен на социјалната мрежа, за онлајн-платформата од движењето информираа и преку писмено соопштение, кое почнува со пораката дека „народот ќе одлучува за името и слоганот на новото движење“
Поранешниот висок функционер на ДУИ и иницијатор за формирање нов политички субјект, Изет Меџити, ги повика граѓаните да го кажат своето мислење и да дадат предлог за името и слоганот на новото движење чие формализирање, како што е најавено, треба да се случи наредниот месец.
За таа цел Меџити денеска ја презентираше онлајн-платформата www.levizja.mk на која граѓаните се повикуваат да ги дадат своите предлози за името и слоганот на движењето.
Инаку, зборот „levizja“ преведен на македонски јазик значи „движење“.
За ваквиот потег Меџити попладнево информира преку објава на својот фејсбук-профил, во која, освен за неговата намена, посочува дека името на новиот политички субјект треба да ги одразува вредностите, мисијата и целта за подобра иднина.
„Почитувани граѓани ова е нашата онлајн-платформа преку која од денеска можете да го изразите своето мислење, но и да го дадете вашиот предлог како треба да биде името на новото движење и неговиот слоган кои треба да ги одразуваат вредностите, мисијата и целта за подобра иднина“,
напиша Меџити на Фејсбук.
Освен на социјалната мрежа за онлајн-платформата од движењето информираа и преку писмено соопштение, кое, исто така попладнево беше испратено на имејл-адресата на „360 степени“.
Соопштението почнува со пораката дека „народот ќе одлучува за името и слоганот на новото движење“.
„Почитувани граѓани, за да создадеме подобро, поправедно и понапредно општество, потребна ни е вашата поддршка и придонес, бидејќи вие ќе бидете вистинскиот партнер во дејствувањето и функционирањето на новото Движење. Затоа, ве покануваме да ни се придружите со вашите идеи и визија и заедно да ја направиме промената што сакаме да ја видиме во општеството. Од денес ви ја претставуваме нашата онлајн платформа – www.levizja.mk, преку која можете да го искажете вашето мислење, како и да дадете ваш предлог за тоа како треба да се вика новото Движење и неговиот слоган кој треба да ги одразува вредностите, мисијата и целта за подобра иднина, која сите ја посакуваме, каде во фокус е народот и само народот“,
се наведува во соопштението.
Доколку ја отворите онлајн-платформата на неа е следната содржина:
На десната страна е даден краток опис на албански јазик за што станува збор, кој според содржина е идентичен со објавата на Меџити на Фејсбук и соопштението испратено до медиумите по тој повод. На левата страна се полињата во кои заинтересираните граѓани треба да остават име, презиме, имјел-адреса, телефонски и по едно поле за предлог за име на Движењето и за неговиот слоган под кој ќе настапува во политичкиот натпревар.
Онлајн-платформата, исто така, има верзија и на македонски јазик.
Движењето на Меџити, кое засега нема име, ќе биде формирано на 13 август, денот на Рамковниот договор, кога и официјално ќе се формира новиот политички субјект и движење.
Инаку, за потсетување инцијаторот на новиот субјект во албанскиот политички кампус, Меџити, лидерот на Движењето Беса, Билал Касами и лидерот на Алтернатива Африм Гаши вчера имаа средба во Собранието, на која разговарале за идна соработка и обединување во најавениот опозициски блок чија амбицијае пресврт на силите, односно испраќање на ДУИ во опозиција на следните парламентарни избори.
Сепак, проектот за опозициски фронт на Меџити, Касами и Гаши можно да не помине безболно, особено за Беса. Ваквата ситуација ја имплицираше објавата на заменик-претседателот на партијата Арјанит Хоџа, која тој ја постираше додека траеше средбата на неговиот шеф со Меџити и Гаши. Во неа тој напиша дека целосно се оградува од политичките дејствија во т.н. „опозициски блок“, бидејќи, како што наведува, целта на неговите иницијатори не е политичка промена, туку „перење“ на политички фигури кои до неодмана беа актери во одржувањето на актуелната власт во живот.
Коментирајќи ги последните внатрепартиски случувања, новиот потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, во гостување во емисијата „Самер клик“ на ТВ 21, пак, нагласува дека најголем дел од членовите на т.н. „огнена група“, чиј претставник беше и Меџити, не само што не си заминале од партијата туку и присуствувале на последната седница на Генералниот совет. Вели дека на неа биле Невзат Бејта и Блерим Беџети. Никој од нив, вклучувајќи го и Муса Џафери кој не бил на седницата, не се изјаснил дека планира или би бил член на некоја друга политичка опција.
За Османи е интересен и развојот на настаните во опозицискиот кампус каде што има голем број незадоволни, особено членови на Беса, кои дури и јавно се оградија од својата партија (алидирајќи најверојатно на Хоџа и пратеникот на Беса, Бастрит Бајрами) откако нивниот претседател Билал Касами објави дека почнува разговори за окрупнување на фронтот со претседателот на Алтернива, Африм Гаши и со претставникот на „огнените“, Изет Меџити. Османи, вели дека ДУИ нема контакт со нив, но, според него, тоа отвора можност да се разговара со нив и да се чујат нивните размислувања и идеи.