Министерот за животна средина нагласи дека компанијата во чиј објект вчера попладне во Трубарево избувна пожарот поседува важечка десетгодишна дозвола за работа, издадена во 2021 година

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити доцна синоќа го посетил местото на пожарот во Трубарево кој избувна во објект за рециклирање батерии и електронски отпад.
„Со право предизвика загриженост кај сите нас. Дојдов во Трубарево и од терен со свои очи го видов ужасот што го предизвика овој сериозен инцидент. Веднаш по добивањето на информацијата за пожарот, сите надлежни служби – Министерството за животна средина, противпожарните екипи и другите институции – интервенираа навреме и ситуацијата во моментов е под контрола. Од 14:00 часот, инспекторите се на терен и вршат мерења на квалитетот на воздухот. Првите резултати од Државниот инспекторат и од специјализираните лаборатории се очекуваат многу наскоро. Тие ќе бидат јавно достапни веднаш по нивната обработка. Дотогаш, ве повикувам сите да ги почитувате препораките на Министерството за здравство“,
порача Меџити.
Министерот за животна средина нагласи дека компанијата во чиј објект вчера попладне во Трубарево избувна пожарот поседува важечка десетгодишна дозвола за работа, издадена во 2021 година.
„Во тесна соработка сме со сите институции за што побрзо и поефикасно надминување на оваа несреќа“,
додаде тој.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција што се одржа доцна синоќа пред зградата на Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека пожарот во скопско Трубарево избил во објект во кој биле складирани поголеми количини електронски и пластичен отпад.
Тошковски кажа дека на местото излегла и екипа на Дирекцијата за радијациона сигурност која констатирала дека нема радијационо зрачење.
Министерот информираше дека во врска со пожарот се вршат разговори со три лица што се сопственици или управители на опожарениот објект за да се утврдат околностите и причините за избувнувањето на пожарот.
Инаку, пожарот избувна вчера околу 13:30 часот во објект на фирмата „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, на територија на Општина Гази Баба. Надлежните информираа дека во гаснењето биле вклучени сите расположливи институции и средства.