Првиот вицепремиер и министер за животна средина го нарече денот историски, оценувајќи дека со потпишувањето на меѓувладиниот договор се решаваат и се инвестира во области како железничкиот сообраќај, образованието, здравството, но и екологијата
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити најави можност за конечно решавање на проблемот со опасен отпад по потпишувањето на договорот за политичка и економска соработка меѓу владите на С Македонија и Обединетото Кралство.

Меџити го нарече денот историски, оценувајќи дека со потпишувањето на меѓувладиниот договор се решаваат и се инвестира во области како железничкиот сообраќај, образованието, здравството, но и екологијата.
„Долго време, со децении се трудиме, се бориме да го решиме проблемот со опасниот отпад на неколку точки низ целата држава, посебно во фабриките од времето на поранешна Југославија, каде што отпадот е ризичен и за природата и за граѓаните. Ова е нова можност еднаш засекогаш да се реши тој проблем, со што ќе придонесеме за поздрав живот и за природата во нашата држава“,
изјави Меџити од Лондон.
Меџити беше дел од владината делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски која денеска присуствуваше на потпишувањето на меѓувладиниот договор со Обединетото Кралство со кој на земјава ѝ се ставаат на располагање шест милијарди евра за проекти од инфраструктурата, здравството, образованието, технологијата, иновациите и животната средина.