ДУИ е стабилна партија и има доволно искуство за да се справи со вакви предизвици, вели потпретседателот на партијата
Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, во изјава за „Слободен печат“ демантира дека пратеници од неговата партија ќе му се приклучат на новото мнозинство во Собранието составено од ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица.
„ДУИ е стабилна партија и има доволно искуство за да се справи со вакви предизвици“,
изјави Меџити за „Слободен печат“, откако во јавноста излегоа информации за преминување на двајца или тројца пратеници од интегративците во новото мнозинство.
Околу мнозинството, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, денеска ги отфрли информациите дека пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива се премислува околу својот потпис. Како што кажа Мицкоски, најдобар демант ќе биде иницијативата за гласање недоверба на Владата што ќе се поднесе утре.
Одговарајќи на новинарско прашање дали евентуално се преговара со пратеници од ДОМ и ЛДП, Мицкоски ги повика сите кои сметаат дека оваа Влада не работи добро, да се приклучат.
„Вратата за секој оној кој мисли дека оваа Влада на Зоран Заев не е добра, е отворена. Секој кој ја поддржува оваа влада, нормално е дека нема да биде дел од оние пратеници кои ќе гласаат недоверба. Ако некој мисли дека оваа Влада треба да замине, е добредојден. Не постои тука политичка партија, постојат пратеници. 61 застанаа, ги повикувам и останатите 59 да размислат“,
рече денеска Мицкоски.