На прашање за законот за бранители, Меџити вели дека очекува предлогот да остане „заглавен“ во собраниска комисија, бидејќи според него станува збор за дневна политика која води кон дестабилизација на државата
Во Владата има усогласеност за закон за правична застапеност, само треба да се најде начин да има евиденција на етничката припадност во администрацијата без да се коси со приватноста на информациите, вели првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити. Во интервју за Радио Слободна Европа тој посочи дека законот ќе треба да ги надмине недостатоците на „балансерот“ за кој Уставниот суд донесе времена мерка да се стопира.
„Балансерот беше во функција на спроведување на Рамковниот договор и правична застапеност на помалите заедници во државната и јавната администрација. За волја на вистината, првите години даде придонес во тоа и се подобри сликата на етничката припадност во јавна и државна администрација. Но, во последните години не беше во функција туку имаше контраефект бидејќи имаше многу случаи каде иако „балансерот“ ќе кажеше дека треба да се вработи Албанец, Турчин или Македонец, луѓето за да се вработат се изјаснуваа лажно. На централно ниво можеа Македонците да се изјаснат како Албанци, на локално ниво Албанците како Македонци. Така што, „балансерот“ е надвор од својата функција. Имаме политички договор тоа да се среди со Закон за правична застапеност, но и квалитет“,
вели Меџити.
Во однос на уставните измени Меџити вели дека остануваат врвен приоритет и тие се подготвени уште утре да ги гласаат ако бидат повикани.
„За ВЛЕН останува врвен приоритет да се отвори патот кон интеграциите, но ние може да придонесеме колку ние тежиме и можеме. Сме во секојдневна комуникација со нашите стратешки партнери, на ниво на Влада го креваме како прашање, деновиве таму се прмиерот и министерот за евроинтграции, кој е од ВЛЕН, токму во функција на забрзување и наоѓање решенија за ова“,
посочува Меџити.
На прашање за законот за бранителите, Меџити вели дека станува збор за дневна политика која оди во функција на дестабилизација на државата.
„Ние имаме конечен став дека не е добро за процесите и за државата и не е во приоритетите да се донесе таков закон. Тој сега е заглавен во комисија која се води од Илире Даути и очекуваме дека таму и ќе остане“,
вели вицепремиерот.