Во ВЛЕН се согласни оти Беким Сали е најкомпетентната, најподготвената и најискусната личност за извршување на должноста прв вицепремиер на Владата доколку актуелниот Изет Меџити биде избран за градоначалник на Чаир
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, кој е кандидат на ВЛЕН за градоначалник на Чаир, изјави дека ако ја добие изборната трка, на вицепремиерското место ќе го замени Беким Сали.

Меџити во изјава за медиумите рече дека во ВЛЕН се согласиле оти Сали е најкомпетентната, најподготвената и најискусната личност за извршување на должноста прв вицепремиер на Владата.
Беким Сали беше на функцијата министер за здравство од 17 јануари 2022 до 28 февруари 2023 година како кадар на Алтернатива во владата предводена од СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека ниту Меџити ниту министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, кој е кандидат на ВЛЕН за градоначалник на Кичево, не поднеле оставки од функциите и дека си ги извршуваат обврските, истовремено потенцирајќи дека имаат и свои заменици.
На прашањето дали е етички и коректно двајцата министри од ВЛЕН и шест директори од таа партија да водат кампања за локални избори додека се на функција, Мицкоски рече дека нема ништо незаконски.
„Нормално е дека ќе ги извршуваат своите обврски во министерствата, во ресорите каде што се министри и истовремено ќе бидат кандидати. Тоа не е првпат да се случува, често пати се случувало во минатото. Така што, сето тоа што значи нормално функционирање на институциите и ќе продолжи во таа насока“,
изјави вчера Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.