Освен пријавата за случајот добиена на бројот за итни случаи 112, до ЦУК се обратил и 61-годишниот татко на детето искажувајќи голема вознемиреност и страв за животот на децата поради последниот настан
Тинејџер на околу 15 години вчеравечер два часа го следела и гонела мечка во атарот на селото Крапа во Општина Македонски Брод. Детето не било директно нападнато ниту повредено од мечката и успеало да избега, но паднало при бегањето, кога заедно со стадото овци се враќало кон трлото, односно дома кон селото.
„На единствениот број за итни случаи е добиена пријава дека во текот на вчерашниот ден во период од 18:15 до 20:15 часот во атарот на селото Крапа во Македонски Брод, возрасна мечка што не била со мали димензии и не личела на одраснато мече што се изгубило, следела и гонела малолетно дете на возраст од околу 15 години“,
информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Освен пријавата за случајот добиена на бројот за итни случаи 112, до ЦУК се обратил и 61-годишниот татко на детето искажувајќи голема вознемиреност и страв за животот на децата поради последниот настан.
Таткото на 15-годишникот информирал дека во последната година зачестиле средбите со мечки, односно дека сè почесто ги гледале во нивната околина. Пред еден месец, како што рекол, мечка им грабнала една заостаната овца при движење на стадото и ја изела. Тоа го утврдиле откако нашле остатоци од исчезнатата овца.
„Според искуствената проценка на засегнатото семејство за средби со диви животни, а и според забележаните траги околу нивното стадо од 300 овци во многу наврати, мечка или повеќе мечки во последната година, а особено во време на последниот месец, биле спуштени во понискиот предел во ливадите кон селото Зрзе, но во правец повеќе на село Дебреште близу меѓуопштинската граница со Општина Прилеп, а сепак на територија на Општина Македонски Брод. Според трагите и лаењето на кучињата од селото Крапа, мечката или мечките се движеле и кружеле сè почесто и сè поблиску до селото, а секако и до трлата со добиток“,
велат од ЦУК.
За случајот со 15-годишникот, кој бил следен од мечка, ЦУК ги информирал сите релевантни служби и институции во Системот за управување со кризи со цел преземање безбедносни мерки за заштита на граѓаните и нивниот имот од можни напади на диви животни, во конкретниот случај од мечките на територијата на село Крапа.