Претседателката рече дека никогаш нема да прежали што трагедијата во Кочани се случила во нејзниот мандат и дека ова не е само нејзина лична и политичка траума туку дека е национална траума од која треба да се извлечат поуки
Да ги оставиме конфликтите и недоразбирањата, уште малку да се воздржиме за да ги решиме овие најголеми проблеми што се појавуваат, да сториме сè за да не дозволиме вакво нешто повторно да се случи, да извлечеме поуки, да градиме здрав и функционелен систем, да не е важно кој ќе биде на власт, државата да функционира.
Ова беше дел од пораката што вечерва ја испрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од хуманитарното отворено студио на телевизија Канал 5 во контекст на трагедијата во Кочани.

„Да ја санционираме неодговорноста секогаш кога треба, да ги инспирираме и задржиме младите, да возвратиме на помошта со помош, да изградиме подобар свет и дома и во соседството и надвор. Во тагата и несреќата ние се концентрираме на најважните предизвици, тоа покажува дека она за што се расправаме е споредно, маргинално и дека ако се однесуваме како луѓе човечки ќе ги решаваме сите проблеми“,
рече претседателката.
Претседателката рече дека она што ја изненадило во целата трагедија е меѓусоседската и европската солидарност и неверојатниот одговор оттаму како никогаш досега. Додаде дека и домашниот одговор бил соодветен и оти сите вклучувајќи ги граѓаните, новинарите, политичките партии се однесувале достоинствено во овие моменти.
„Можеби ќе ми се налути некој ама кога ја слушнав првата изјава на претседателот на СДСМ, Филипче, му пратив порака. Му реков ‘звучевте како лекар, благородно, лековито и многу ви благодарам за тоа’“,
додаде Сиљановска-Давкова.
На прашањето дали изразила сочувство до семејствата на загинатите и дали ги контактирала, претседателката рече дека не сака да говори на таа тема, но потврди дека била во Кочани и во сите болници во земјава каде што се сместени повредените, но подалеку од очите на јавноста.
„Тоа е однос меѓу мене и меѓу луѓето на кои им треба човечки збор, збор на мајка, а статусот претседател нема никаква врска“,
додаде таа.
Рече дека никогаш нема да прежали што трагедијата во Кочани се случила во нејзниот мандат како претседателка и дека ова не е само нејзина лична и политичка траума туку дека е национална траума.
Од отвореното студио на телевизија Канал 5 за донирање средства за настраданите во Кочани вечерва се обратија и премиерот Христијан Мицкоски, собранискиот спикер Африм Гаши, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, министри, претставници на политички партии, луѓе од јавниот и општествениот живот.