Братот на убиениот вчера е лишен од слобода и за време на служен разговор во ОЈО Кавадарци го признал делото
Четириесет и двегодишниот кавадарчанец што вчера беше пронајден мртов во куќа во Кавадарци бил убиен од својот брат на 27 јули. Откако со метален предмет му нанел повреди на брата си, од кои починал, телото го закопал во помошен објект во дворот на заедничката куќа, информираат од Обвинителството.
Дека едниот од браќата е исчезнат, вчера во полиција пријавила нивната сестра.

Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кавадарци до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци поднесе кривична пријава против С.И. (43) од Кавадарци поради сомнение дека сторил кривично дело – убиство.
„Се сомничи дека на 27.7.2025 година во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И. (42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа“,
се вели во образложението за случајот.
Нивната сестра В.О. (44) вчера во 11 часот го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.
„Во 13 часот истиот ден, пак, пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре“,
пишуваат од Обвинителството за настанот.
По пријавата и откако на местото излегле полициски службеници, јавен обвинител и претставници од Институтот за судска медицина Скопје, дупката е откопана и во неа е пронајдено телото на И.И.
Телото на починатиот е дадено на обдукција.
Полициски службеници вчера го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во ОЈО Кавадарци, каде што во службен разговор го признал делото.
Од Обвинителството вчера информираа дека во куќа во Кавадарци е пронајдено безживотно тело на 42-годишен маж што семејството го барало неколку дена, посочувајќи дека случајот отвора сомнеж за убиство.