Лицето се водело за исчезнато два дена пред денеска неговото безживотно тело да биде пронајдено во одводен канал кај Драч. Според првичните информации објавени од локалните медиуми, мажот бил дел од екипата на комуналното претпријатие која била ангажирана во расчистување на каналот кога бил однесен од водната струја
Маж на 54-годишна возраст е првата евидентирана жртва во поплавите во Албанија по обилните врнежи.

Лицето се водело за исчезнато два дена пред денеска неговото безживотно тело да биде пронајдено во одводен канал кај Драч. Според првичните информации објавени од локалните медиуми, мажот бил дел од екипата на комуналното претпријатие која била ангажирана во расчистување на каналот кога бил однесен од водната струја.
Надлежните органи соопштија дека состојбата во повеќе области во Албанија и натаму е критична, особено во регионите Скадар, Леска, Драч, Фиер, Берат и Ѓирокастро. На територија на целата држава под вода се илјадници хектари, поплавени се околу илјада дома, установи и бизниси, евакуирани се над 500 лица, како и добиток.
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, ги повика жителите во поплавените подрачја да ги почитуваат упатствата од надлежните и да соработуваат со цел брза евакуација и надминување на состојбата со што помалку последици. Порача дека со загриженост ја следи ситуацијата и дека е во постојана комуникација со раководителите на централните и локалните институции, со структурите за цивилни вонредни состојби и со вооружените сили.
Претходно денеска лидерот на опозициската Демократската партија и поранешен премиер и шеф на државата Сали Бериша побара во Албанија да биде прогласена состојба на природна катастрофа поради поплавите и го обвини актуелниот премиер Еди Рама дека е одговорен за, како што рече, апокалипсата во земјата.
