Најголем број пријавени има за тестот по англиски јазик – 13 457 ученици, за тестот по математика се пријавиле 1 246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 избрале француски јазик, а 62 ученика ќе полагаат естетика
Матурантите денеска го полагаат вториот екстерен испит од државната матура, кој е по нивен избор.

Податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ) покажуваат дека најголем број пријавени има за тестот по англиски јазик – 13 457 ученици. За тестот по математика се пријавиле 1 246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 избрале француски јазик, а 62 ученика ќе полагаат естетика. Седум ученици се пријавиле за тестот по филозофија, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик.
Првиот екстерен испит – мајчин јазик и литература, матурантите го полагаа на 31 мај.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска два дена по полагањето на првиот екстерен испит соопшти дека десетина ученици биле отстранети од полагањето зашто се обиделе да препишуваат од телефон, но потенцира дека годинава е значајно намален бројот на ученици што препишуваат.
За државната матура годинава се пријавени 15 004 кандидати. Од нив, 8 816 ученици се од средните стручни училишта, 5 966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.