Незадоволни од неисполнетите барања, вработените од Управата за водење матични книги денеска излегуваат на двочасовен мотопротестен марш со колона од 30 до 50 возила. Протестот ќе започне во 15 часот од паркот „Жена борец“, а ќе се движи во правец на Министерство за правда
Пред Министерството за правда, како што најави Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), ќе се одржи и прес-конференција со која ќе бидат пренесени сите актуелности во Синдикатот на Управата за водење на матичните книги
И покрај активниот штрајк на вработените во Управата за водење матични книги, денеска матичарите своето незадоволство за неисполнетите барања од надлежните институции ќе го изразат излегувајќи на протест и блокирајќи го центарот на Скопје.
Двочасовниот мотопротестен марш со колона од 30 до 50 возила ќе започне во 15 часот од паркот „Жена борец“, а ќе се движи во правец на Министерство за правда, најави Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) и Независниот синдикат на Управата за водење матични книги.
„На просторот пред Министерството за правда ќе се задржиме со возилата и лицата што ќе бидат присутни на протестот до 17 часот. За време на протестот ќе бидат блокирани лентите во двата правци и семафорот кај ‘Палома Бјанка’ (до Министерство за правда)“,
стои во писменото соопштение од КСОМ.
Пред Министерството за правда, како што најави КСОМ, ќе се одржи и прес-конференција со која ќе бидат пренесени сите актуелности во Синдикатот на Управата за водење на матичните книги.
Штрајкот на вработените на Управата за водење матични книги започна пред една недела, а ќе продолжи како што најавија, сè до исполнување на барањата за потпишување колективен договор, линеарно зголемување на платите за 30 отсто и подобрување на условите за работа.
Иако се во штрајк, вработените издаваат дел од документите кои се за потреби на граѓаните поврзани со странство, како за лекување, смртни случаи, раѓање и слично, а се склучуваат и бракови кои се закажани до 26 април.
Вчера, на петтиот ден од штрајкот, Синдикатот обвини дека се врши притисок кон вработените да го прекинат.