Поради непријатниот мирис, претпоставките се дека се работи за арско ѓубре кое истекло од цистерна која превезувала ваков вид материја
Патниците што денеска претпладне нешто по 10 часот се движеа по автопатот од Катланово кон Велес наидоа на коловоз покриен со материја налик на земја, но со непријатна миризба.

Фотографии испратени до редакцијата на „360 степени“ сведочеа за невообичаената глетка на автопатот во наведеното време, а на коловозот, според информациите што ги добивме, не била поставена сигнализација за предупредување, иако истурената „земја“, како што може да се види, претставува опасност за возачите.
Дополнителна мистерија за материјата распослана на автопатот бил непријатниот мирис што се ширел на местото.
Трагајќи по одговори за што станува збор, се обративме до Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и до Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од ЈПДП нè препратија до Јавното претпријатие „Македонија пат“, кое е задолжено за одржување на магистралните и регионалните патишта.
Оттаму ни потврдија дека денеска после 10 часот на автопатот имало истурено некаква материја со непријатен мирис во должина од 100 до 150 метри и дека нивни екипи се веќе на терен и работат на расчистување на коловозот.
„Упатени се наши екипи и поставена е сигнализација. Екипите се сè уште таму и работат. Пуштена е и цистерна за да го измие коловозот“,
ни рекоа од Диспечерскиот информативен центар на ЈП „Македонија пат“.
Како што додадоа, сообраќајот на автопатот не е во прекин, туку се одвива по една коловозна лента додека трае расчистувањето.
„За кратко време автопатот ќе биде целосно оспособен“,
велат од Диспечрскиот центар на ЈП „Македонија пат“.
За каква материја на коловозот станува збор од Јавното претпријатие со сигурност не можеа да кажат.
Поради непријатниот мирис, претпоставките се дека се работи за арско ѓубре кое истекло од цистерна која превезувала ваков вид материја.
Од кое возило и кога точно е направено ова, велат дека не знаат.

Во Министерството за внатрешни работи (МВР) преку електронска пошта прашавме дали се известени за случајот и дали преземаат некакви мерки, но до објавувањето на овој текст оттаму не добивме одговори.