Агентите на ФБИ го опишуваат како „изопачен гениј кој се стреми да биде совршен и анонимен убиец“. Психијатарот што го интервјуирал во затворот, пак, му дал дијагноза „параноичен шизофреник“

Тед Качински (81), познато како Унабомбашот, е пронајден мртов во својата затворска ќелија во САД.
Неговото тело го пронашле затворски чувари во ќелијата.
Тед Качински е еден од најпознатите озлогласени сериски убијци кој 17 години, во периодот од 1978 до 1995 година, изведуваше бомбашки напади преку пакет-бомби. Во овој период тој уби три лица и рани 23, а подоцна ги призна своите злосторства.
Тој беше осуден на доживотен затвор без право на условна слобода во 1996 година, откако речиси 20 години успеваше да се спаси од апсење.
Тед Качински е талентиран математичар кој се школувал на Хардвард, но стана човек кој со децении ја тресеше американската јавност со своите напади и беше главна тема во бројни документарни филмови.
Тој беше откриен откако во 1995 година ги принуди „Вашингтон пост“ и Њујорк Тајмс“ да го објават неговиот манифестод 35 000 зборови насловен „Индустриското општество и неговата иднина. Весницита се согласија да го испечатат манифестот по препорака на ФБИ и американскиот државен обвинител откако Качински рече дека ќе прекине со неговите напади доколку некој национален весник го објави неговиот трактат.
Во него тој пишува против модерниот живот и тврди дека технологијата ги води Американците кон страдање од чувство на отуѓеност и немоќ.
Меѓутоа, објавувањето на манифестот ги разоткри бидејќи неговите брат и снаа го препознаа тонот и го известија ФБИ. Во април 1996-та властите успеаја да го пронајдат и уапсат во колиба од иверица и церада – три на четири метри, сместена во близина на Линколн, Монтана.
Се верува дека Качински почнал да ги извршува злосторствата откако бил отпуштен од семејниот бизнис кој го имале со неговиот брат поради навреди кон колешка која одбила да биде со него по два состаноци. Оттогаш се верува дека се повлекол во колибата што ја изградил рачно и во неа живеел без греење, вода и струја.
За мотивите на Качински да убива преку бомбашки напади, има бројни шпекулации. Она што е познато е дека неговиот тест за интелигенција како дете покажал коефициент од 167. Тој прескокнал две одделенија и се запишал на Харвард на само 16 години.
Агентите на ФБИ го опишуваат како „изопачен гениј кој се стреми да биде совршен и анонимен убиец“. Психијатарот што го интервјуирал во затворот, пак, му дал дијагноза „параноичен шизофреник“.
Качински, пак, одбиваше да биде нарекуван така. Инсистираше дека точно знаел што прави и се обиде да се самоубие кога неговиот адвокатски тим се обидел преку молба да го прогласат за луд.