Како што објави „Гардијан“, протести се одржаа и во САД, каде што стотици луѓе излегоа на улиците на големите градови, вклучувајќи ги Чикаго, Далас, Њујорк, Филаделфија, Питсбург, Сан Франциско и Сиетл
Илјадници луѓе протестираа низ целиот свет против нападот на Соединетите Американски Држави (САД) врз Венецуела и апсењето на претседателот на земјата, Николас Мадуро, пренесува Си-ен-ен.

Демонстрации се одржаа во близина на амбасадите на САД во Манила, каде што се носеа транспаренти со слогани против американскиот претседател Доналд Трамп, и во Сеул.
Протести и прослави беа забележани и во Шпанија.
Како што објави „Гардијан“, протести се одржаа и во САД, каде што стотици луѓе излегоа на улиците на големите градови, вклучувајќи ги Чикаго, Далас, Њујорк, Филаделфија, Питсбург, Сан Франциско и Сиетл.
Во Шпанија, во Мадрид, стотици луѓе, претежно левичарски активисти, се собраа синоќа за да ги осудат, како што рекоа, инвазијата и колонијализмот на САД.
Протести во шпанската престолнина, каде што живеат голем број Венецуелци, вклучувајќи го и лидерот на опозицијата, Едмунд Гонзалез, се одржаа пред амбасадата на САД.
Во исто време, многу венецуелски иселеници во Шпанија, вклучувајќи ја и најголемата венецуелска заедница во Европа од речиси 400 000 луѓе, изразија надеж дека ќе се вратат во земјата и оценија дека киднапирањето на Мадуро може да биде првиот чекор кон промени.
Според Си-ен-ен, додека некои граѓани на Венецуела го славеа апсењето на претседателот Николас Мадуро, учесниците на протестите во таа земја, како и во други делови од светот, ја оценија американската операција како пречекорување на авторитетот и напад врз суверенитетот на Венецуела, објави Си-ен-ен синоќа.
Десетици илјади луѓе се собраа и во главниот град на Куба – Хавана. Кубанската влада го поддржа Мадуро и ја осуди американската операција.
Протести се одржаа и во Богота, главниот град на Колумбија.
Членови и поддржувачи на левичарските политички партии во Индија се собраа во Њу Делхи за да изразат солидарност со Венецуела.
Во турските градови Анкара и Истанбул демонстрантите развија транспаренти со кои, како што рекоа, го осудуваат империјализмот и бараат од САД да „ги тргнат рацете од Венецуела“.
Шпанија и пет латиноамерикански земји вчера ја осудија воената операција на САД за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро сметајќи ја за кршење на меѓународното право.
Според нив, Вашингтон не го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Венецуела.
САД во саботата нападнаа неколку цели во Венецуела, заробувајќи ги венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга и изнесувајќи ги од земјата.
Мадуро ќе биде изведен пред суд во Њујорк по обвиненија поврзани со дрога и оружје.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД привремено ќе ја управуваат Венецуела и го истакна економскиот потенцијал на нафтената индустрија на земјата.
