Така беше прикажана релаксирачката атмосфера на играње фудбал во кабинетот на поранешниот вицепремиер Артан Груби. Не беше заборавено ниту неговото бегство и случајот во кој е осомничен, па се носеше и куферче од Државна лотарија, а премиерот Христијан Мицкоски „делеше“ црвени картони, како алузија на неодамнешните полициски акции
Не изостана и маска со ликот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кој во Вевчани „се појави“ со „црвено порше“
Со голем број маски и креативни костуми, танцувајќи на ритамот на зурлите и тапаните, вевчанци и годинава продефирлираа низ улиците на ова живописно место во југозападниот дел на државата, на традиционалниот карневал.

Како и изминатите години, преку маските и сатиричните изведби учесниците на карневалот дадоа свој печат на годината што измина, но и задолжителен осврт и критика на дел од општествените и политичките случувања во земјава.
Традиционално, маските со оркестарот, зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи беа дел и од овогодишното дефиле, што воедно е и централниот настан на Вевчанскиот карневал, а вевчанци се потрудија на свој начин во духот на фестивалот да доловат и дел од актуелните случувања во земјава.
Така беше прикажана релаксирачката атмосфера на играње фудбал во кабинетот на поранешниот вицепремиер, Артан Груби. Не беше заборавено ниту неговото бегство и случајот во кој е осомничен, па се носеше и куферче од Државна лотарија, а премиерот Христијан Мицкоски „делеше“ црвени картони, како алузија на неодамнешните полициски акции.

Не изостана и маска со ликот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кој во Вевчани „се појави“ со „црвено порше“.

На карневалското дефиле имаше и „бугарски администратори“, а на сатирачен начин вевчанци побараа и враќање на старото уставно име Република Македонија во личните документи.
Една од групните маски која го привлече вниманието на публиката беше „Мајмуни“, а забавата беше збогатена и со „Вевчанско вече“, како и карактеристични маски со чудовишта, принцези, снежни кралици, демони, новогодишни елки и други креации.
Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските утревечер во центарот на Вевчани.
Министерот за култура Зоран Љутков пред почетокот на официјалното дефиле рече дека Вевчанскиот карневал е многу важен не само за Вевчани, туку и за Република Македонија, посочувајќи дека станува збор за национален бренд, кој е препознатлив и интересен за Европа и за целиот свет.
Како важна карактеристика на карневалот, министерот ја наведе критиката што преку маските се испраќа до општеството и до политичарите, со повик за корекција и подобро утре.
„Она што е многу важно особено за овие карневали, бидејќи доаѓам од професијата актер и театарот секогаш го критикува општеството. Ги критикува политичарите, ги критикува политичките ситуации. И овој карневал ја има истата улога, сега да ме критикува и мене, да го критикува општеството, да ги критикува политичарите, и тоа треба да го прифатиме многу позитивно. Со самата таа критика и ние ќе се подобориме во односот и спрема општеството и спрема граѓаните“,
рече Љутков.

Покрај министерот Љутков и градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, карневалското дефиле го следеа и премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за правда Ален Деребан, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, а меѓу присутните беше и претседателот на Федерацијата на европски карневалски градови, Ларс Алгел.
„Традиција стара неколку века. Вевчанскиот пасош одамна го имам, исто како и задоволството да сум дел од василичарскиот Вевчански карневал“,
напиша на Фејсбук, премиерот Мицкоски.
Вевчанскиот карневал е еден од најпознатите фестивали на Балканот. Се верува дека обичајот е стар над 1 400 години и се заснова на стари пагански верувања. Вевчанци веруваат дека со своите маски ќе ги избркаат злите духови од нивните животи. Во 1993 година, карневалот и селото Вевчани официјално станаа дел од Светската федерација на карневалски градови.
