Позицијата на Маск беше привремена и неговото заминување беше очекувано, но времето е значајно бидејќи доаѓа еден ден откако тој јавно го критикуваше големиот законодавен проект на администрацијата на Трамп

Илон Маск објави дека ја напушта администрацијата на Доналд Трамп каде што ја водеше канцеларијата за намалување на трошоците на американската влада. Стотици илјади вработени беа отпуштени или прераспоредени за време на неговиот мандат.
Во објава на неговата платформа Икс, најбогатиот човек во светот му се заблагодари на Трамп за можноста да ја води новосоздадената Канцеларија за владина ефикасност, позната под акронимот ДОГЕ (Оддел за владина ефикасност).
Белата куќа, според Би-би-си, во среда вечерта го започна формалниот процес на неговото заминување од позицијата „специјален владин службеник“, што му овозможи да извршува федерални работи до 130 дена во годината.
Позицијата на Маск беше привремена и неговото заминување беше очекувано, но времето е значајно бидејќи доаѓа еден ден откако тој јавно го критикуваше големиот законодавен проект на администрацијата на Трамп.
„Со завршувањето на мојот мандат како специјален владин службеник, сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за можноста да го намалам расипничкото трошење. Мисијата на ДОГЕ само ќе станува посилна со текот на времето, бидејќи станува начин на живот низ целата влада“,
напиша Маск на Икс.

Маск претходно изјави дека е разочаран од предлогот на Трамп за буџет кој вклучува намалување на даноците во вредност од повеќе трилиони долари и зголемување на воените трошоци.
Во интервју за Си-би-ес, партнерот на Би-би-си во САД, тој рече дека таканаречениот голем, прекрасен закон, како што го нарекува Трамп, ќе го зголеми буџетскиот дефицит и ќе ја поткопа работата на ДОГЕ.
„Законот може да биде одличен или прекрасен, но не верувам дека може да биде и двете“,
рече Маск.
Во април, Маск го објави своето пензионирање од владината улога и враќање на водењето на своите компании, велејќи дека ДОГЕ сè повеќе станува жртвено јагне за сите проблеми.
„Сега сите го обвинуваат ДОГЕ за сè. Нешто лошо се случува насекаде, а ние сме обвинети иако немавме никаква врска со тоа“,
изјави тој за „Вашингтон пост“ пред лансирањето на Спејс икс во Тексас.
Падот на „Тесла“ и политичките притисоци
Во времето на политичката вмешаност на Маск, „Тесла“ забележа пад од 13 отсто во продажбата во првиот квартал, најголем во својата историја. Акциите паднаа за дури 45 отсто и иако делумно се опоравија, тие сè уште се околу 10 отсто под нивната почетна вредност.
Маск им рече на акционерите дека во иднина ќе посветува значително помалку време на ДОГЕ и дека се враќа да го води „Тесла“. Тој исто така објави дека ќе ги намали политичките донации, откако минатата година потроши речиси 300 милиони долари за кампањата на Трамп и другите републикански кандидати.
„Тесла“ беше цел на протести и вандализам, поради што американската министерка за правда Пам Бонди предупреди дека ваквите инциденти ќе се третираат како домашен тероризам.
Маск на Економскиот форум во Доха изјави дека ќе остане на чело на „Тесла“ уште најмалку пет години.