ЕУ мора да го исполни даденото ветување за старт на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, порача денеска германскиот министер за надворешни Хајко Мас. Мас, кој претседаваше со онлајн-состанокот во рамки на Берлискиот процес нагласи дека го разбира разочарувањето во регионот поради малиот напредок на процесот на проширување во текот на минатата година и се заложи за негово повторно придвижување.
„Иднината на сите шест држави од Западниот Балкан е во ЕУ. Германија е целосно посветена на оваа цел. Ако испорачате вие, ние исто така испорачуваме. Тоа мора и во иднина да биде нашиот пристап кон проширувањето на Европската Унија,“
порача Мас.
Шефот на германската дипломатија побара веднаш да започнат преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија и притоа изрази благодарност до португалското претседателство со ЕУ, кое, како што нагласи, ја држи оваа тема високо на агендата на Унијата. Мас порача и дека за билатералните спорови не треба да има место на агендата на ЕУ.
„Сите знаеме дека внатрешната политика може да го ограничи опсегот на надворешната политика. И разбираме дека прашањата од историјата и идентитетот се деликатни. Но, ваквите билатерални прашања не треба да го попречуваат целиот процес на пристапување“,
изјави Мас.
Тој потенцира дека Северна Македонија и Албанија оствариле постојан напредок во судските реформи и во борбата против организираниот криминал и корупција, а со Договорот од Преспа, Скопје и Атина демонстрирале историско политичко лидерство.
На состанокот присуствуваше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи , кој порача дека е многу важна меѓусебната соработка на државите за политичка, безбедносна и економска поврзаност. Тој го посочи минатогодишното заедничко претседавање со Бугарија со Берлинскиот процес, како позитивен пример на добрососедство и билатерална соработка, што кулминира на Софискиот Самит од кој произлегоа повеќе иницијативи и се отворија нови полиња за соработка во Регионот.
„Вклучувањето на земјите од Западен Балкан во активен и динамичен пристапен процес целосно ќе ги ангажира општествата во создавање на нови вредности, напредок и позитивна конкуренција. Регионалната соработка, станува сè поважна – да се демонстрира сопственост и заедничко политичко лидерство. Ние сме релативно мали економии, но заедно сме силни. Фактот дека имаме наши разлики и различни ставови, не ја исклучува далеку поблиската соработка во сите секторски области поврзани со ЕУ,“,
посочи Османи.
