Семејствата изразија разочарување и загриженост поради молчењето на институциите, истакнувајќи дека покажале трпение во период од шест месеци, не барајќи информации за текот на обвинителниот акт

Родителите и семејствата на загинатите во трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани денеска, на 33. Марш за ангелите, директно му се обратија на Јавното обвинителство, од кое бараат итен одговор зошто е пробиен рокот за поднесување обвинение против полициските службеници опфатени со истрагата.
Семејствата изразија разочарување и загриженост поради молчењето на институциите, истакнувајќи дека покажале трпение во период од шест месеци, не барајќи информации за текот на обвинителниот акт.
Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов, пред Основниот суд и Обвинителството во Кочани јавно посочи дека рокот, кој бил јавно и институционално најавен со краен датум 12 декември 2025 година, е пробиен.
„Рокот што беше јавно и институционално најавен, со краен датум до 12.12.2025, е пробиен, без доставено образложение, без официјално известување и без преземање видливи процесни дејствија“,
рече Блажева.
Според семејствата, отсуството на навремена реакција и транспарентност директно ја нарушува правната сигурност, ја поткопува довербата во институциите и остава впечаток дека постои институционална толеранција кон евентуални незаконски дејствија извршени од службени лица.
Родителите и семејствата бараат итен и јасен одговор за статусот на обвинителниот акт, причините за пробивање на рокот и мерките што се преземени или ќе се преземат во однос на осомничените службеници на МВР.
„Нашето трпение не е неограничено. Во отсуство на итен и јасен одговор, ќе бидеме принудени да ги искористиме сите законски и јавни механизми за заштита на правдата и јавниот интерес. Молкот и одолговлекувањето повеќе не се прифатливи“,
додаде Блажева.
Денешниот протестен марш, 33-ти по ред, се одвиваше по вообичаената рута низ Кочани, завршувајќи во Паркот на револуцијата.
