Секој миг не прогонува прашање – дали нашите деца можеа да бидат спасени? По се што дознавме и сите докази кои ги добивме, одговорот е еден и единствен. Нашите деца, нашите ангели можеа да продолжат да живеат, ако сите инволвирани институции работеа без затајување, мито и корупција, порачаа родителите
Побрзајте со постапките, слушнете ги нашиот глас и болка за ова да не остане уште трагедија затворена во архивите на неправдата, порачаа родителите на загинатите во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ од единаесеттиот „Марш за ангелите“ кој се одржа во Кочани. Семејствата на настраданите уште еднаш побараа одговорност од институциите што не постапувале на време.

„Секој миг не прогонува прашање – дали нашите деца можеа да бидат спасени? По се што дознавме и сите докази кои ги добивме, одговорот е еден и единствен. Нашите деца, нашите ангели можеа да продолжат да живеат, ако сите инволвирани институции работеа без затајување, мито и корупција. Ако полицијата и обезбедувањето реагираа на време, ако имаше ред пред излезот на вратата, ако оние кои требаше да не чуваат ја вршеа својата должност со човечност, овие млади живот ќе беа меѓу нас“,
порачаа родителите од „Маршот на ангелите“.

Апелираа институциите да делуваат побрзо и поажурно, да се казнат сите виновници за трагедијата што се случи во Кочани.
„Бараме одговорност од полицијата и обезбедувањето што не постапија на време. Бараме одговорност од пожарникарите што не беа подготвени, одговорност од директорот и лекарите во болницата во Кочани кои со негрижа и недостаток на основни средства за работа – боци со килсород , придонесоа за загуба на нашите деца. Нашите ангели заслужуваат правда, сите ние заслужуваме вистина. Нема да престанеме да се бориме додека одговорните не понесат одговорност за трагедијата“,
кажаа семејствата на загинатите.

Единаесеттиот „Марш за ангелите“ почна во 18 часот и 5 минути и се одвиваше по вообичаената маршрута – од паркот на Револуцијата, низ трговскиот центар, пред Општина Кочани, а оттаму кон полициската станица и Основниот суд и Обвинителството во Кочани.