Универзитетскиот професор, кој е и член на Советот за безбедност, нагласува дека за да се реши спорот мора да се најдат многу специфични и многу иновативни формулации кои би биле прифатливи за двете страни. Меѓутоа, тој посочува и дека неговиот впечаток е дека Бугарија тргнува кон сценарио да нè понижи во одредена мера, односно да прифатиме нешто што е понижувачко

За формулирање на договор со Бугарија ќе биде потребна комбинација од силен меѓународен притисок и дипломатска бравура за да се најдат формулации кои ќе ги задоволат двете страни, но не сум сигурен дека бугарската страна ќе биде задоволна со тоа, вели универзитетскиот професор Ненад Марковиќ во неделното интервју на Радио Слободна Европа (РСЕ).
На прашање дали го дели оптимизмот на премиерот Зоран Заев и на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, дека Македонија може да ги започне преговорите со ЕУ до крајот на годинава, тој вели дека по две вета и ова кое ни е трето, нормално е човек да покаже први значи на скепса и резервираност.
Во одговорот Марковиќ наведува дека смета оти тоа е прерано со оглед дека во Бугарија треба да се формира влада, да се надмине проблемот, треба да помине време на акомодација на проблемот и имплеметација на евентуалното решение. Единствено, според него, во одредена мера може да помогне меѓународниот притисок.
„По мене, самиот факт што Бугарија не може да состави влада е првиот проблем, а вториот проблем и да ја состави, да разгледаме и едно хипотетичко сценарио, тоа веројатно ќе биде влада во која односите ќе бидат многу натегнати, па ќе нема огромен простор за попуштање кон Македонија и тоа само по себе ќе создаде атмосфера во која многу тешко ќе се одвиваат преговорите. Единственото нешто што може да помогне во одредена мера, и тоа не е магично стапче, иако така го доживуваме овде, е меѓународниот притисок, но и меѓународниот притисок има, а тоа често го забораваме тука, своја лимитирана моќ, свој лимитиран дострел, до каде може да оди и колку може да постигне. И САД и другите земји-членки на ЕУ, од кои големото мнозинство јасно ставија до знаење дека не се согласуваат со позицијата на Бугарија, можат да направат одреден притисок, но тоа не значи дека ќе ја скрши Бугарија. Бугарија во ова виде една голема шанса, виде, јас би рекол, една можност да го добие она што историски го посакува многу долго време, иако јас не мислам дека ова ниту е климата, ниту атмосферата, ниту начинот тоа да се постигне“,
вели Марковиќ.
Универзитетскиот професор, кој е и член на Советот за безбедност, нагласува дека за да се реши спорот мора да се најдат многу специфични и многу иновативни формулации кои би биле прифатливи за двете страни. Меѓутоа, тој посочува и дека неговиот впечаток е дека Бугарија тргнува кон сценарио да нè понижи во одредена мера, односно да прифатиме нешто што е понижувачко.
„Тука би направил паралела со Преспанскиот договор. Зошто Преспанскиот договор е многу различен од Договорот со Бугарија, што е суштинската разлика? Суштинската разлика е што видовме концесии од грчка страна. Грција мораше да прифати македонски народ, македонски јазик, ние прифативме одредени идентитетски консеквенци во членот 7, тоа не ме радува претерано, меѓутоа ајде да речеме дека за таа тема ни кај македонскиот етнос, кај македонскиот народ во самата Македонија немаше консензус. Антиквизацијата беше тема која доста го поларизираше народот. Но, ние за Илинден или за АСНОМ имаме целосен консензус, и историски и национален итн. и ако тука бугарската страна се обиде да влезе во некакви идентитетски параметри и нивно менување, мислам дека тоа ќе биде многу лошо дочекано, не само од Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, во која нема некој особен прогрес за прашањата кои се спорни, туку, не знам колку е спремна и оваа влада, која има доста полиберална позиција во однос на претходната, да прифати таков тип на компромис. Ако решивме дека нема да се навлегува во идентитетски прашања, тогаш нека не се навлегува. Нека се најдат формулации кои ќе ги задоволат двете страни, но не сум сигурен дека бугарската страна ќе биде задоволна со тоа. Мислам дека сепак се оди на одредена идентитетска интервенција и дека тоа е крајната цел на Бугарија, нешто што Бугарија не го криела во последните 50-60 години“,
вели Марковиќ.
Целото интервју за РСЕ можете да го погледнете ТУКА.