Постои мала доза оптимизам кај мене дека тоа може да се случи во јуни, но не мислам дека е крај на светот ако тоа не се случи, бидејќи секогаш ќе има нов октомври, ноември декември, јуни и така натаму. Битно е процесот да биде дефиниран, вели универзитетскиот професор Ненад Марковиќ, проценувајќи ја перспективата за кревање на бугарската блокада
„Дебатата кај нас е премногу фаталистичка, односот кон евроинтеграциите секогаш ни бил таков – или премногу песимистички или крајно оптимистички. Затоа, за мене, јуни можеби е ирелевантно прашање колку што е порелевантно ние во материјална смисла да го исполниме она што одговара од двете страни, посебно на нашата страна, се разбира, а тоа е – ако може, овие барања да не влезат во Преговарачката рамка или ако влезат, да видиме на што точно би се однесувало“, порача универзитетскиот професор и член на Советот за национална безбедност, Ненад Марковиќ, во гостување во емисијата „360 степени“, зборувајќи за бугарското вето и начините на кои тоа може да се крене.

Марковиќ вели дека кај него постои доза оптимизам за решавање на спорот во текот на овој месец и добивање „зелено светло“ за почеток на преговорите со ЕУ, иако смета дека не треба да се става акцент на датумите.
„Секако, постои мала доза оптимизам кај мене дека тоа може да се случи во јуни, но не мислам дека е крај на светот ако тоа не се случи, бидејќи секогаш ќе има нов октомври, ноември декември, јуни и така натаму. Битно е процесот да биде дефиниран, бидејќи мислам дека се уште патиме од проблемот на подвижна мета и за тоа кај аналитичарите има консензус, односно да се стави на хартија дали тоа ќе биде модел со 4+1 или 5+1. Потребно е тоа да се дефинира, бидејќи не знам што би било најдобро за нас, но знам што би било најлошо – константно во процесот на отворање и затворање поглавја да излегуваат нови барања од бугарска страна и константно да се менува динамиката и квантумот на барања и да мораме постојано да се приспособуваме“,
смета Марковиќ.
Според него, барањето за вметнување на Бугарите во Уставот не е најголем проблем, бидејќи станува збор за „симболично отворање на Уставот кое ќе ги вклучи и Црногорците и Хрватите“, но вели дека посебен акцент треба да се стави на историската комисија.
„Според мене, најпроблематичен дел што најтешко се решава е делот со историската комисија, затоа што, познавајќи ги луѓето таму и комуницирајќи со нив, знам дека прогресот е многу тежок и бавен и тоа е нормално во такви комисии, на кои им требаат декади тоа да го решат. Тие не можат да се договорат затоа што сега ние имаме некаков јуни или некаков октомври или ноември како краен рок, тоа едноставно не оди така“,
вели Марковиќ.
*Повеќе вести од вечерашното издание на „360 степени“:
