„Ќе имаме повеќе да кажеме подоцна во текот на денов“, одговори Рубио на прашањето дали санкциите против Русија ќе стапат во сила оваа недела, додавајќи дека наскоро може да има нови информации. „Можеби позитивни, можеби не“, додаде тој

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека наскоро треба да се знае дали оваа недела ќе стапат во сила потенцијалните санкции против Русија.
Марко Рубио изјави дека разговарал со специјалниот американски претставник Стив Виткоф, кој се враќа од патувањето во Русија, и дека ќе одржи дополнителни разговори подоцна.
„Ќе имаме повеќе да кажеме подоцна во текот на денов“, одговори Рубио на прашањето дали санкциите против Русија ќе стапат во сила оваа недела, додавајќи дека наскоро може да има нови информации. „Можеби позитивни, можеби не“, рече тој.
Разговорот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот американски претставник Стив Виткоф беше корисен и конструктивен, објави денеска помошникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков.
Виткоф разговараше со Путин во Кремљ околу три часа, два дена пред истекот на рокот што американскиот претседател Доналд Трамп ѝ го даде на Москва за да постигне договор со Украина или да се соочи со нови санкции од САД.
Ушаков за рускиот медиум „Ѕвезда“ изјави дека двете страни разговарале за војната во Украина и можностите за подобрување на односите меѓу САД и Русија. Тој додаде дека Москва добила одредени сигнали од Трамп и одговорила на нив.
Претседателот на САД претходно се закани со санкции против Русија, кои би вклучувале секундарни тарифи против нејзините трговски партнери како што се Кина и Индија.