Бислимоски ја предводеше Комисијата речиси осум години. Тој беше избран за претседател во 2018 година со мандат од пет години, а нов мандат доби во 2023 година, кога беше реизбран

Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), денеска поднел оставка од својата функција. Веста за МИА ја потврдија од РКЕ, без да прецизираат дополнителни детали за мотивите зад ваквата одлука.
Бислимоски ја предводеше Комисијата речиси осум години. Тој беше избран за претседател во 2018 година со мандат од пет години, а нов мандат доби во 2023 година кога беше реизбран.
Оставката од Бислимоски следува две недели откако Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против него. Истрагата се фокусира на случај со компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје.
Бислимоски се сомничи дека не ја одзел лиценцата на компанијата во јануари 2024 година, кога таа престанала да ги исполнува условите за трговија со нафта.
Постапката наводно била прекината со незаконско решение, со што на фирмата ѝ било овозможено да работи до април 2025 година.
Во овој период, како што рекоа тогаш од Финансиска, компанијата остварила промет од над 3,15 милиони евра, стекнувајќи противправна корист од околу 229 000 евра.
Бислимоски веднаш реагираше на кривичната од Финансиска, и на прес-конференција ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека РКЕ постапувала строго според законската регулатива и оти не постоел повластен статус за ниту една компанија. Тој изјави дека ќе ги стави на располагање сите информации до надлежните институции со цел да докаже дека нема никакво прекршување на законската регулатива во постапката за одземање на лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје.
Инаку, членовите и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на предлог на Владата на Република Северна Македонија ги именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија.
Денеска, како што рекоа од собраниската прес-служба, до спикерот Африм Гаши и до архивата не е стигнато писмо со информацијата од Бислимоски дека си поднесува оставка.
